Континуираните прес-конференции и соопштенија на СДСМ насочени кон медиуми и новинари повеќе не можат да се третираат како изолирани реакции или дневна политика. Тие се претворија во систематска стратегија – стратегија на притисок, етикетирање и обид за дисциплинирање на јавниот простор.

Наместо да гради опозициска алтернатива, да отвора суштински теми и да нуди решенија, СДСМ вложува значителна енергија во пресметка со медиумите. Прес-конференциите, кои по дефиниција треба да служат за информирање на јавноста, се користат како алатка за јавна прозивка и стигматизација на редакции и новинари што не се вклопуваат во посакуваниот партиски наратив.

Во овој модел не постои разлика меѓу новинарски извештај, уреднички став, авторска колумна или пренесена изјава. Сè е прогласено за „сценарио“, секоја критика за „хајка“, а секое прашање за доказ на непријателство. Со тоа, СДСМ не води дебата, туку обид за наметнување на дозволени граници на јавното говорење.

Особено загрижува фактот што овие напади не се спонтани, туку се институционализирани – преку официјални пресови, соопштенија и јавни настапи. Кога политичка партија системски ги напаѓа медиумите, таа не испраќа порака само до нив, туку до целото општество: дека критиката ќе биде санкционирана, а молкот награден.

Во таа смисла, нема потреба да се навлегува во прашањата за компетентноста, кредибилитетот, моралниот авторитет или јавната тежина на поединците што ги држат овие прес-конференции – самата одлука тие да бидат гласници на вакви пораки е доволно говорлива. Особено да не зборуваме за тежината и моралниот авторитет на поединецот кој денеска си зема за право да зборува за некакво разобличување… Можеби беше подобро да молчи откако тој беше разобличен.

Парадоксално, ваквата војна со медиумите се интензивира во период кога СДСМ се соочува со пад на довербата и сериозни внатрешни турбуленции. Наместо политичка реконструкција и соочување со сопствените слабости, партијата избира да го префрли фокусот кон надворешни „виновници“. Наместо одговорност – дефанзива. Наместо аргументи – етикети.

Партија што не може да поднесе критички текст тешко може да поднесе јавна отчетност. А опозиција што ја заменува политиката со прес-конференции против медиуми ризикува да ја изгуби својата суштинска улога – да биде коректив на власта, а не коректив на насловите.

Во крајна линија, проблемот не е во медиумите што поставуваат прашања. Проблемот е во политиката што на тие прашања одговара со притисок. Тоа не е знак на сила, туку на несигурност. И колку повеќе се повторува, толку појасно станува дека наместо борба за доверба кај граѓаните, СДСМ избра борба против јавноста.