Македонската православна црква – Охридска архиепископија и другите православни цркви, кои се водат според јулијанскиот календар денеска ја одбележуваат Црковната нова година.
Овој ден го означува почетокот на новиот богослужбен циклус и потсетува на Христовото проповедање за „благопријатната година Господова“.
Празникот, востановен на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година, носи порака за духовна обнова, мир, љубов и исполнување на христијанските добродетели.
За значењето на Црковната нова година и нејзините корени разговараме со архимандрит Иринеј, кој вели дека на овој ден се спомнува за еден настан од земниот живот на Исус Христос.
– 14 септември според световниот календар, наречен уште и нов или григоријански е 1 септември според црковниот календар, наречен уште и стар или јулијански. Така што, за Црквата тој датум е првиот ден од месецот септември, и така ќе го сметаме понатаму во објаснувањата што следуваат. Значи, на првиот ден од септември (по стар стил) се празнува црковната нова година. На овој празник си спомнуваме за еден настан од земниот живот на нашиот Господ Исус Христос – вели отец Иринеј во разговор за МИА.
Имено, во времето кога се празнувала Новата година во Јудеја и по целата вселена, Господ Исус Христос дошол во Назарет, каде што пораснал. Тоа било во сабота, а во тој ден Евреите имале обичај да се собираат во синагогата и да го поминуваат времето во читање на пророчките книги.
Господ, „по Својот обичај“, продолжува отец Иринеј, исто така влегол во синагогата и застанал меѓу учителите. Му ја подале книгата на пророкот Исаија и Тој, откако ја отворил книгата, го нашол местото каде што е напишано: „Духот Господов е врз Мене, зашто Господ Ме помаза да им благовестам на бедните, Ме испрати да ги исцелувам скрушените по срце, да им проповедам на заробените ослободување и на затворениците отворање на темницата, да ја проповедам благопријатната година Господова“.







Comments are closed for this post.