Агенцијата за филм соопшти дека во насока на транспарентност на средствата реализирани од годишниот буџет, почнувајќи од 2019 година, издава публикација наречена „Факти и бројки“.

Во публикацијата „Факти и бројки 2020“ детално се впишани средствата со кои се финансирале филмски и други проекти од национален интерес, финансирани по конкурси објавени од страна на Агенцијата за филм, реализирани средства за активности за развој на филмската дејност и меѓународната промоција на македонското творештво.

Вкупниот скратен буџет на Агенцијата за филм за 2020 изнесува 161.869.732,00 денари од кои 10 отсто отпаѓаат на плати, надоместоци, даноци и за останати оперативни расходи за одржување на институцијата, а 90 отсто се наменети за македонскиот филм. За проектите за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм (национални филмови и мнозински ко-продукции, малцински ко-продукции) потрошени се 112.578.215 денари, се вели во соопштението.

За други проекти од национален интерес: членарини во меѓународни организации, меѓународна промоција на македонското творештво и унапредување на филмската дејност потрошени се 27.120.504 денари. За правни лица кои се здобиле со право на поврат на средства потрошени се 6.280.140 денари.

Агенцијата за филм и понатаму ќе остане транспарентна пред јавноста, „Факти и бројки“ ќе остане практика и во иднина, вели директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски.

Публикацијата е објавена на веб-страницата на Агенцијата за филм и може да се најде на следниот линк: http://filmfund.gov.mk/wp-content/uploads/2021/02/WEB_Agencija-za-film_FAKTI-I-BROJKI_2020.pdf.