Во Кинотека продолжи втората сесија на проектот Филмска училница. Посетителите од филмската и телевизиска режисерка Марија Џиџева беа запознаени со „домашните задачи“ на тема режисерска опсервација и вистината и лагата во филмот.

Филмологот-советник Игор Старделов, раководител на Одделот за прибирање, заштита, обработка и чување аудиовизуелни дела, ги презентираше историјата на филмското архивирање и технолошките нијанси во дигиталната реставрација на кинематографските дела, а филмскиот критичар Стојан Синадинов зборуваше за влијанијата на филмските школи и автори низ историјата на кинематографијата.

Како што наведуваат од Кинотека, десеттина средношколци и бруцоши, на возраст од 15 до 19 години, кои конкурираа за учество на оваа уникатна школа, се запознаваат со основите на филмската историја и теорија, режија, сценарио, монтажа, продукција, филмска камера, актерство, сценографија, костимографија на филм…

Филмската училница е проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Часовите се одржуваат во сабота, а проектот ќе трае 10 недели. Замислен е како интерактивна филмска училница, каде младата популација ќе може да се запознае со нематеријаното богатство, пред сè, аудио-визуелното, и ќе добие филмска едукација од областа на историјата на филмот, филмскиот јазик, аудио-вузуелното изразување и можност за креирање  авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.

Мотото на проектот е „Гледај филмови, учи и создавај!“.

Идејата на проектот е подигање на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националното аудио-визуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање на нови аудио-визуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање на лични аудио-визуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија, наведува Кинотека.

Преоктот е финансиран од Министерство за култура, а во неговата реализација учествуваат и филмолозите Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска и Лидија Христова.