Холанѓанец познат како „Индијана Џонс во светот на уметноста“ пронашол слика на Пикасо која била укредена пред 20 години. Артур Брант вели дека портретот кружел во холандското подземје со години откако бил украден од јахта во сопственост на шеик во 1999 година.

„Биста на жената” (Дора Маар) за прв пат била насликана во 1938 и сега се проценува дека би чинела околу 25 милиони евра.

Дора Маар е позната како сопруга на Пикасо и муза цели седум години, за кога се насликани многу портрети во текот на нивната љубовна врска во 1930-те години. Сликата висела на ѕидот во домот на Пикасо се до неговата смрт во 1973 година.

Брант стана познат во јавноста минатата година кога трагаше по Византискиот мозаик од Свети Марко. Бил украден од црква во Кипар во седумдесетите години од минатиот век.

Со интернационална слава се стекна и во 2015 кога ги пронајде „Коњите на Хитлер“, две бронезени статуи од нацистичиот скулптор Јозеф Торак.

„Сите се сомневавме дека е уништена, тоа се случува со 90 отсто од украдените дела, бидејќи не може да бидат ставени на продажба, изјави Брант за дански весник додавајќи дека откако ја пронашол ја закачил на ѕидот на една ноќ и „вистински уживал“.

Брант украдениот портрет започнал да го бара уште во 2015 година кога слушнал дека „Пикасо е украден од брод“, информација која кружела помеѓу криминалците во Холандија, иако не знаел за кое дело на славниот сликар станувало збор.

Сликата била украдена од „Корален остров“, луксузна јахта во сопственост на Саудискиот милјардер Шеик Абдул Мохшен Абдулмалик Ал-Шеик, која била закотвена во француските Антиби.

Пронајдена е кај холандски бизнисмен кој сметал дека со сликата на Пикасо може да се направи легитимен договор. Ремек делото, завиткано во хартија и црни кеси било донесено во станот на Брант во Амстердам. Според него договорот бил легитимен, но начинот на плаќање не бил.

Полицијата од Франција и Холандија соопштија дека нема да го гонат последниот сопственик на сликата.  Сега таа е во сопственост на осигурителна компанија, која ќе одлучи што понатаму ќе прави со неа.