По десет години престој на рехабилитација во Холандија, најпознатиот жител на Зоолошката градина во Скопје, шимпанзото Коко, се врати дома. Коко дојде назад заедно со три други шимпанза, двете женки Мими и Роси и алфа-мажјакот Хјасл, со кои Коко се социјализираше за време на престојот во Холандија.

Но, новото живеалиште според сите светски стандарди направено специјално за нив не е единственото нешто што го делат овие четири нови жители на скопската зоолошка градина. Заедничко за нив четворица се и тешките и тажни моменти што ги преживеале пред да се најдат во Холандија, и од таму да дојдат во Скопје.

Коко, кој е роден во Скопје, по смртта на неговата мајка во 2009 година остана сам во тесниот кафез што предизвика сериозна депресија кај него. За да му се спаси животот, тој мораш да замине во Холандија каде што во изминатиов период целосно се опорави и се социјализираше со групата шимпанза, коишто го придружуваат при неговото враќање дома.

Мими, која е највозрасната од четворицата, долг период од животот го минала во циркус, каде што била изложена на сурови и несоодветни услови за живот. За нејзина среќа, од циркусот таа е префрлена во шелтерот за животни, каде што, слично како и Коко, се опоравува до нормален живот.

Од своја страна, Роси и Хјасл, биле дел од дваесетина шимпанза грабнати од Африка со цел да бидат донесени во Европа за врз нив да бидат вршени експерименти и тестирања за лекови. Од сите тие мајмуни, Роси и Хјасл биле единствените што преживеале, го нашле својот пат до шелтерот и до дружбата со Коко и сега до своето ново живеалиште во Скопје.

Престојот во Холандија ги научил овие шимпанза дека и покрај лошите искуства во животот постојат луѓе коишто можат и знаат да им пружат љубов, а тоа најдобро го покажа токму Коко, кој имаше емотивна повторна средба со Драган, негувателот од Зоолошката градина кој се грижел за Коко како мал и кого Коко го позна и многу му се израдува по враќањето во Скопје.

Со враќањето во Скопје, Коко и неговите другари, ќе бидат една од главните атракции на Зоолошката градина во Скопје, од каде што најавуваат продолжување на трендот за збогатување на содржините и носење нови животни.

Откако лани беа донесени слоновите, се прават напори во идниот период да се завршат живеалиштата и да се донесат фламинга и пингвини, а најдоцна до следната пролет треба да биде отворен и дино-парк.