Нашата претставничка Тамара Тодевска со песната „Proud“ (Горда) оди во финале на Евровизија 2019.

Тамара Тодевска четврти пат учествува на Евровизија, но првпат како солист. Таа во втората полуфинална вечер настапи под реден број 17, а придружни вокали и беа Александра Јанева, Антонија Гиговска и Васил Гарванлиев. Автори на песната се Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, а текстот е на Коста Петров и Сања Поповска. Спотот е во режија на Чедо Поповски.

На првата полуфинална вечер на Евросонг, што се одржа завчера настапија изведувачи од 17 земји од кои 10 од Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија, обезбедија настап во финалето, што ќе се одржи в сабота, 18 мај.

На Евросонг учествуваат 41 земја, а покрај домаќинот Израел, пет земји (Франција, Италија, Германија, Шпанија и Обединетото Кралство) имаат директен пласман во финалето.