Иницијативата „Фискултура или култура“ со која актерите во Културниот центар „Антон Панов“ во Струмица го кренаа својот глас против поставување на несоодветен кадар за директор на нивната установа, вроди со плод. Имено, претставниците од театарскиот ансамбл денеска ќе се сретнат со министерката за култура Ирена Стефоска која се согласи да одржи средба со нив откако тие најавија и протести поради поставување на наставник по физичко за директор на културен центар, што според актерите е „срамно и понижувачки“.
Сметаме дека сме во право и имаме поддршка од јавноста и од сите културни работници во државата. Ние сакаме и мораме да ја исправиме неправдата, велат од Струмичкиот театар.
Од Министерството за култура потврдија дека ќе се сретнат со претставниците од Културниот центар „Антон Панов“ од Струмица.
Министерството за култура со внимание ги следи настаните поврзани со изборот на директор во НУЦК „Антон Панов“ – Струмица. Во таа насока, министерката за култура, Ирена Стефоска ќе се сретне со вработените од оваа национална установа, кои со писмен допис како носители на дејност побараа средба со неа. Во нивниот допис тие бараат со свои аргументи да ја образложат, според нив, потребата за поништување на неодамна завршениот конкурс за избор на директор, велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за култура.
Актерите пак, сметаат дека изборот треба да се поништи и на позицијата на директор на културниот центар во Струмица да се постави личност која е упатена во работата на културната установа, поточно е познавач на состојбите во културата и има искуство во оваа област. Тие остануваат на ставот дека немаат ништо против личноста што е назначена, но сметаат дека не е соодветна за позицијата за која беа одбиени две кандидатки кои според нив имаат соодветни квалификации.
Иницијативата Фискултура или култура ја покренавме по повод одлуката на министерството за култура за назначување на генерален директор несоодветен кандидат. Иницијативата е поддржана од сите значајни културни работници во цела Република. Во иницијативата ни се приклучија еминентни актери, режисери, сценографи, костимографи. Имаме поддршка од колегите од ликовниот сектор, од музичкиот сектор, писатели. Значи идејата е нашиот глас да биде слушнат од страна на министерството, вели Ванчо Василев – претставник на драмскиот ансамбл на Струмичкиот театар.
Во иницијативата „Фискултура или култура“, актерите поставија бројни прашања упатени до Министерството за култура меѓу кои и: „До кога некомпетентни кадри ќе се ставаат на раководни позиции на културни институции? До кога ќе се вадиме на формално – правно издржани конкурси, каде квази читања на критериумите ја регулираат културата? До кога истите критериуми се читаат на еден начин за едни, а на сосема друг за други? До кога ќе треба да повторуваме дека културата не е бројка, или мерливи формално-правно издржани резултати и партиска играна туку место на градење на квалитет и компетенција? До кога вака, ние културните работници ќе бидеме понижувани, обесправени и дискриминирани? До кога ќе има партизација во културата? До кога релевантното образование од областа на културата и уметноста нема да се вреднува, и нема да биде важно во одлуките на кого да се додели можноста да раководи со некоја институција во културата?….
Со ова иницијатива сакаме да дигнеме глас и да покажеме дека културата е еден од битните општествени фактори кои влијаат на квалитетот на живеење и оформување на човечкото битие. И најважно е конечно да се стави крај на партократското владеење со културата, со јавните добра, меѓу кои и културните институции, и да се даде предност со нив да раководат оние, кои се образувале, знаат и умеат, велат потпишувачите на иницијативата.
Comments are closed for this post.