Во работна посета на земјава од вчера до 4 април престојува делегација од Грција – Флора Карагијани од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици (ЕКБММ) и Марија Мерцани, раководителка на Дирекцијата за конзервација на антички и современи споменици.

Тие вчера имаа средба со министерката за култура Ирена Стефоска на која, меѓу другото, беше иницирано потпишување меморандум за соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици.

„На средбата беше потврдена отвореноста за конкретна соработка помеѓу двете пријателски земји со особен фокус на конзервација и реставрација на византиското наследство, обука на стручни кадри за заштита, како и академска соработка и изработка на трудови. На средбата беше договорено дека соработката ќе се формализира оваа пролет, а некои од заедничките проекти ќе може да почнат веќе оваа година“, соопшти Министерството за култура.

По средбата во Министерството за култура, делегацијата од Грција ќе ги посети и Археолошкиот музеј, Заводот за заштита на спомениците на културата во Битола, црквата „Св Ѓорѓи” во Курбиново и црквата „Св Софија” во Охрид.

Како што информира Министерството за култура, за време на посетата тие ќе разговараат со наши експерти за можностите за соработка, размена на идеи и обуки на млади лица во заштитата на културното наследство, односно заштитата на византиските и поствизантиските споменици на културата.

Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици е управуван од Одбор составен од седум члена назначени од страна на Министерството за култура и спорт на Република Грција.

„Центарот има поширок спектар на дејствување, кој опфаќа организирање курсеви и обуки, доделување стипендии за научни студии или учество во научно-истражувачки проекти, учество во национални или меѓународни програми за научно истражување и технолошки развој, учество во научни активности и мисии на меѓународните организации, како и изработка и објавување на научни студии и други релевантни научни активности“, наведува Министерството за култура.