Не е тешко да се поверува во љубов, кога си млад. Сеедно е дали станува збор за љубов на прв поглед, на прв збор, на прв бакнеж… И така, со тек на време нема ни да забележиш како љубовта станува религија чиј верник си, вели за „Република“ српската актерка Оливера Балашевиќ, која на 15 март ќе гостува на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) со монобајката „Презимето на розата“.
Балашевиќ е и режисерка на „Презимето на розата“ која е автентична драма на театарот на исповеди, која ја води публиката низ сеќавањата на авторката на книгата „Планетата двор“ (Планета двориште). По претставата во МНТ ќе има промоција на романот.
Шеесет и петгодишната Балашевиќ е и писателка и поранешна гимнастичарка, чиј сопруг беше легендарниот музичар Ѓорѓе Балашевиќ, кој почина во 2021. Со Ѓорѓе се запознале на снимањето на филмот „Поп Киро и поп Спиро“, имаат три деца и три внуци. Нивниот брак траеше четири децении, а Оливера активно учествуваше во работата на својот сопруг како продуцентка на неговите настапи. Во 1979 година Оливера, како тогашна репрезентативка на Југославија во гимнастика била поголема ѕвезда од Ѓорѓе, имала бројни признанија и медали во дури четири гимнастичарски дисциплини. Обезбедила и норма за учество на Летните олимписки игри, но, во име на љубовта решила да не патува за Москва 1980 година.
На прашањето кои настани го одбележаа нејзиниот живот и каква порака сака да испрати на публиката во Скопје, вели дека одговорот се крие во монобајката, па оној кој сака да дознае, треба да дојде да ја гледа претставата.
Книгите кои јас ги читам се вистинити. Не мислам само на оние кои се пишувани по вистински настани, туку на оние кои се измислени, но во кои може да има многу вистина, бидејќи уметноста може да те излаже. Не сакам себеси да се фалам со овој став, бидејќи мојата книга е вистинита, туку само сакам да напоменам како пример, бидејќи оние кои ја читале, рекоа дека во неа има многу искреност, вели Балашевиќ.
Балашевиќ многу се радува на средбата со драги луѓе во Скопје, иако тоа ќе биде во театар, каде што се глуми и се кажува некој однапред научен текст.
Можеби мојата монобајка, моето искрено сведочење за некого ќе биде изненадување, но, мислам дека кај гледачите ќе предизвика убави сеќавања кои ќе ги вратат во некои времиња, во денови испреплетени со нераскинливи и невидливи нишки полни со љубов и грижа на нашите мајки, соседи, учителки, пред кои ќе го отворам моето срце. Можеби некој ќе се препознае?
Од време на време на социјалните мрежи ќе прочитам дека се радуваат на моето гостување во Скопје, па ми испраќаат фотографија или пак билети со број на местото каде што можеби ќе седи некоја „ Provincijalkа“ или „Dođoškа“. Но, не се јавувам на билетарницата за да разберам колку карти се продадени, бидејќи кај нас дома никогаш никој не се грижел за тоа. Секогаш било најважно дали програмата што се подготвува некого ќе разгали и ќе биде доследна на очекувањата на публиката.
Вашиот живот е полн со секакви искуства, убави и грди. Што мислите, кои искуства го прават човекот?
Човекот, пред се го чини неговиот поглед на искуствата кои му ги приредува судбината. Поучена од љубовта и грижата на мојата мајка, научив дека постојат убави и помалку убави искуства, вели Балашевиќ.
Ако од животот не направиш Олимпијада, тоа е исто како да не си учествувал во него. На прашањето како таа ја создала нејзината Олимпијада одговара:
Побрзо, повисоко, посилно. Со еден збор подобро. Секогаш правиш најдобро што можеш и ако ги спроведуваш тие начела, животот ќе ти биде Олимпијада. Предизвиците се работа на избор. Со нормите не сум на чисто ни до денес, ама нема сомнеж дека една од најважните норми ја исполнив во летото 1979 година, кога онаа олимписката, одлучно ја жртвував во име на љубовта.
Citius, altius, fortius…Околу ова јас и Олимпијадата уште на почетокот се согласивме. Но, максимата ‘важно е да се учествува, не е важно да се победи’, според мене, треба да претрпи мали измени. Можеби не е важно да се победи, но важно е барем да се обидеш да бидеш прв. Се разбира, тоа не е единствена работа која е пресудна. Но сплет на околности ме донесоа да бидам вечен кандидат за највисок пласман во очите на моите три деца сиве овие години. Заедно со нив многупати се искачивме на победничкиот трон. Дома кај нас, во чест на триумфот на љубовта и взаемното почитување често се интонираше химната на галама, смеа и радост. А сега и со сите три внуци, убедливо, без потреба за фото-финиш, победувам во трката со детски колички низ улицата „Јован Цвијиќ“ во Нови Сад.
Comments are closed for this post.