Издавачката куќа „Шкупи“ јавно ги повикува министерката за култура Ирена Стефоска, премиерот Зоран Заев и првиот заменик премиер Артан Груби да ги поддржат во целост нејзините осум одбиени проекти, како и пријавите за учество на четирите меѓународни саеми на книга: во Франкфурт, Истанбул, Софија и Тирана.

Како што рече денеска директорот на ИК „Шкупи“, Азам Даути, ваквото барање е упатено јавно, преку медиумите, зашто секое поднесување жалба до второстепен владин орган или до второстепена комисија е само губење време.

„Шкупи“ аплицирала со проектот „Наградена светска литература 2021“ кој содржи десет книги преведени од странски јазици на албански јазик, а неговото одбивање, нагласи Даути, ќе биде срам не само за нив како издавачи, туку и за Министерството за култура и за државата во целина.

-Самиот наслов на проектот „Наградена светска литература“ е доказ дека има опфатено докажани светски и европски литературни вредности. Исто така, нашите апликации и од аспект на почитување на техничките критериуми на Министерството за култура, се целосно почитувани и исполнети во целост. Учеството на ИК „Шкупи“ на меѓународните саеми на книга во Франкфурт, Истанбул, Софија и Тирана опфаќа и учество на албански и македонски издавачи заедно (соработка меѓу издавачите „Шкупи“ и „Прозарт“), како ниеднаш досега, со една единствена цел – да се претстават најдобрите издавачки литературни продукции во Република Македонија. Затоа, јавно ја повикувам министерската за култура Ирена Стефоска, како и премиерот и првиот заменик-премиер, во согласност со почитување на докажаните литературни вредности, правото за распределба на средства на правичен начин и еднаквост, целосно да се поддржат осумте наши одбиени издавачки проекти како и учеството во четири меѓународни саеми на книга, нагласи Даути.

Според него, со игнорирање на овие литературни вредности, ја игнорираме европската литература и култура и како држава ги намалуваме нашите напори за евроинтеграции.

-Дотолку повеќе што ние како издавачи се ставаме во неповолна положба пред сите тие светски издавачи и автори, авторски агенции, преведувачи и сите наши европски и светски пријатели, и се соочуваме со проблемот како да образложиме зошто овие светски признаени проекти не се поддржани од нашето Министерство за култура. Ова ќе биде срам не само за нас како издавачи, туку и за Министерството за култура и за државата во целина, подвлече Даути.

Тој изрази надеж дека барањето на „Шкупи“ правилно ќе се разбере и дека нејзините издавачки проекти ќе се опфатат во Културната програма од национален интерес за 2021 година.

-Јавното барање подразбира дека се испраќа преку медиумите, а не преку архивски број за прием на Барањето, ниту како Жалба до Второстепен владин орган, затоа што тоа се само форми за трошење време и проектите да се заборават. Во минатиот период, и кога сме ја следеле формалната процедура, никогаш не сме добиле позитивен одговор на нашите барања. Затоа, и можните препораки на Министерството да се жалиме до Второстепена комисија ќе ги сметаме само како „купување време“, за уште повеќе да се избегнат и обезвреднат нашите издавачки проекти кои се неприкосновени и не се одбиваат од аспект на литературните вредности, наведе Даути.