Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје со реакција на резултатите од Годишната програма на Министерството за култура.

Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје го изразува своето огромно разочарување од третманот на Министерството за култура кон една од најзначајните манифестации и единствена од таков вид во главниот град во летните месеци, 42-то СКОПСКО ЛЕТО. Имено, за сиот традиционално богат спектар содржини, омилената летна манифестација на скопјани и туристите во метрополата, која континуирано трае 40 дена од 21-ви јуни до 31-ви јули, доби поддршка од 546.000,00 денари. Во напливот новосоздадени музички манифестации со џез предзнак (дури 11!) нема место за традиционалниот БЛУЗ И СОУЛ ФЕСТИВАЛ (еден од најстарите во регионот и до минатата година единствен таков фестивал во нашата земја), кој минатата година одбележа 25 години постоење.

Веќе долги години по ред, под превезот на објаснувањата од типот за неопходност за децентрализација на културата, во програмите поддржани од Министерството во сосема несразмерен и неадекватен износ се поддржани програми кои значат буквално „позајмување“ на концептот на манифестацијата која своето реноме и углед повеќе од  четири децении го градеше само и исклучиво врз основа на квалитетот на понудените содржини и гости. Сега кога е активна кандидатурата на Скопје за Европски град на културата, ние сме соочени со маргинализирање на најголемата летна манифестација во главниот град. При тоа, компаративноста ни покажува дека за слични манифестации со содржини што често немаат никаква поврзаност со културата (и се нудат пред многу помал број потенцијална публика) е  обезбедена далеку поголема поддршка.

Ние од Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје, како и нашите долгогодишни поддржувачи чиј ентузијазам значи белег на културното живеење во главниот град, уште еднаш апелираме Министерството да се задржи на поддршката на општествениот интерес, а не на личните желби. Користејќи го законското право, секако ќе бараме измена во одлуката во корист на нашите докажани и реномирани манифестации по кои светот не’ препознава, а овој допис до медиумите ни се наметна како неопходност да укажеме на итноста од почитување и на традиционалните вредности и континуитетот во работењето во културата, велат во својата писмена реакција од Дирекцијата за култура и уметност.