Францускиот институт во Скопје и Кинотеката на Северна Македонија в четврток, 4 март 2021, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија, организираат премиера на филмот „Совршената дадилка“ со што ќе се отвори Месецот на Франкофонијата.
Се работи за екранизација на истоимениот славен роман на Лејла Слимани, за којшто авторката, во 2016 година, ја доби Гонкуровата награда, а е во режија на Лиси Борлето (2019, 1h40).
Главните улоги ги толкуваат Карин Вијар, Лејла Бекти и Антоан Рајнхард.
Еден особено напнат трилер во стилот на Хичкок и Полански, суптилен и динамичен. Филмот совршено ги отсликува стравовите на модерното време“ (критика на магазинот Трансфуж), додека неделникот Ле Поен ќе напише „брилијантен и истовремено застрашувачки“.
Филмот е со превод на македонски јазик.
Пред проекцијата, ќе се одржи промоција на преводот на македонски јазик на истоимениот роман од страна на издавачот Антолог, чие издание беше поддржано од страна на Францускиот институт во Париз, во рамките на програмата за поддршка на издавачката дејност во други земји.
Резервација на влезници во Кинотеката на Северна Македонија, а проекцијата ќе се изведе согласно протоколите за заштита од Ковид 19. Бројот на влезници е ограничен на 30.
Comments are closed for this post.