Цели 27 години чекав на вакво нешто. Ваков спектакл, со играње, пеење, кореографии, танчери, костими…, рече меѓу другото хрватската пејачка Јелена Розга, која 27 години е меѓу омилените на балканската поп сцена. Секогаш насмеана, расположена, со некој посебен сјај во очите, Розга има мила ѕвезда која, едноставно ја плени публиката.

Многу сум емотивна по природа и не можам да го скријам тоа. По мене се гледа дека уживам на секој концерт како да ми е прв, вели таа.

Хрватската поп пејачка Јелена Розга денеска е во Скопје каде  на прес-конференција ги соопшти деталите по повод најавениот солистички концерт кој ќе се одржи на 10-ти февруари во Арена „Борис Трајковски“.

Концертот беше најавен уште минатата година, како спектакл со врвна аудио-визуелна продукција.

Влезниците се пуштени во продажа по цени од 1.000 до 2.200 денари за ВИП седишта.

Едвај чекам да дојдам во Скопје, да застанам пред македонската публика во „Борис Трајковски“ и да го оставам срцето пред неа, бидејќи знам како изгледа секој мој настап кога пеам низ Македонија.

Уште од сега се радувам на мојот концерт во февруари и во таа голема сала, која ми е сон одамна, соопшти хрватската музичка ѕвезда.

Нејзиниот шарм и позитивен дух не оставија никого рамнодушен ни на концертите што таа ги одржа во Загреб и Нови Сад, а спектакл најави и за концертот во Скопје. Повеќе од 2 и пол часа Јелена пее и игра на штикли од 15cm, и не ја симнува насмевката од лицето.

Не сакаше да открие какво изненадување подготвува, рече дека размислувала да исполни и некоја македонска песна, а раскажа и за тоа како се подготвува за вакви настапи, како ја одржува формата и дека не е љубител на естетската хирургија…

Пред да се занимавам со пеење, долги години бев балерина, така што за мене ваков напор при настапи и напорни подготовки воопшто не се проблем. Имам прекрасни родители кои се грижат за мене, кои ми се поддршка и кои ми даваат ветер во грб за сè. Исхраната ми се состои од риба и задолжително маслиново масло, кое го произведуваат моите родители, не пијам алкохол, не сакам fast food , сакам пица- да се разбереме, секој некогаш сака да касне пица, а што се однесува до естетската хирургија никогаш не сум била љубител, откри Розга.

Поради проблемите со тироидата, срцето и хашимото секогаш велам: ‘Само да ме служи здравјето’. Се хранам здраво, јадам домашна храна која ја готви мајка ми и тоа со зеленчук од нашиот двор, но и многу спијам.

Мислам дека тајната е во тоа, во добриот сон, додаде пејачката.