Годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ на фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, е отворен и ќе трае до 15 јануари 2021 година. Право на учество ќе имаат романите што првпат се објавени на македонски јазик во 2020 година.

Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета.

Петчлената жири-комисија ќе треба да ја донесе одлуката за добитникот најдоцна до 15 март 2021 година и следниот работен ден да ја објави на прес-конференција.

Заедно со пријавата на конкурсот, кандидатите ќе треба да достават по пет примероци од романот, кои не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски“ во Скопје.
„Песот со тажен поглед“ на писателката Оливера Николова е лауреатот на „Роман на годината“ за 2019 година. Таа е и првата добитничка што оваа награда ја доби вторпат, по наградата за романот „Куклите на Росица“ објавен во 2004 година. Наградата ќе биде доделена по 22. пат.