Цело време сум на релација Скопје- Белград, зашто има претстави кои ми траат повеќе од десет години. На пример „Дервишот“ влегува во 11-та година играње, сѐ уште е на репертоар. Гледам да не работам многу зашто имам две-три претстави во Белград и уште три-четири тука, притоа сериозни наслови, како „Животот е прекрасен“, „Животот на Молиер“, „Еден месец на село“, „Галеб“, претходно „Мајсторот и Маргарита“, вели актерот Никола Ристановски во интервју за МИА.

Би било нечесно да влегувам во нешто ново додека се игра старово. Тоа би било преголем товар и не би било фер. Не ги работам работите со лева рака за да можам да си дозволам да работам бројки. Избегнувам да работам ново – каде било и под кои било околности, затоа што имам живи претстави на репертоар коишто мора да ги опслужувам.

Не правам планови, имам доста работа, во меѓувреме по нешто стигнувам и да снимам, главно во Белград и претежно врзано со филмови и серии. Но гледам и со тоа да не претерувам зашто сакам да имам време и за други работи-вели Ристановски за МИА.