Во Кинотека на Македонија од 9 до 16 јануари ќе се одржи ревија на филмови за деца од хрватската кинематографија.

Хрватските детски филмови се присутни во хрватската кинематографија многу често како екранизација на веќе постоечки книжевни успеси. Но, самата застапеност не би била доволна доколку тие не припаѓале на самиот врв на уметнички успешните филмови, за денес да бидат класици на хрватскиот филм и како такви да не биле прифатени од младата публика и критика – велат од Кинотеката на Македонија, како најава на фестивалот.

Според најавите, ќе бидат прикажани филмовите: „Брканица по моторот“ во режија на Бранко Мајер (на 9 и 10 јануари), „Пико“ во режија на Среќко Вејганд (9 и 10 јануари), „Синиот галеб“ на Бранко Бауер (11 јануари), „Дружината на Перо Џумката“ во режија на Владимир Тадеј (11 и 12 јануари), „Волк самотник“ на Обрад Глушчевиќ (12 и 14 јануари), „Капетан Микула Мали“ кое е уште едно остварување на Обрад Глушчевиќ (15 јануари) и „Тајната на стариот таван“ во режија на Владимир Тадеј (16 јануари).

Освен ревијата на хрватски детски филмови, Кинотеката подготви и изложба на филмски плакати насловена „Детски поглед“. Преку оваа изложба на публиката ќе и бидат претставени 21 плакат за 24 долгометражни и краткометражни филмови создадени во периодот од 1953 до 2006 година. Тие се дел од збирката филмски плакати на Хрватската кинотека која го собира речиси целиот придружен филмски материјал на сите долгометражни филмови настанати во хрватската продукција од 1944 година до денес .