Планирани се средства за продолжување на изградбата на Турскиот театар во Скопје, изјави на прес-конференција министерката за култура Ирена Стефоска која го презентираше Предлог – буџетот за 2021 година за културата, кој изнесува 3 милијарди 276 милиони 430 илјади денари (53 милиони евра).

Турски театар-Скопје годинава одбележа седум децении постоење на сцената на Театар Комедија, каде што работи во изминатите неколку години,  затоа што објектот што за овој ансамбл се гради пет години во близина на Железничката станица е карабина и далеку од конечна реализација.

Во јули 2015 година беше поставена темел- плочата на театарот, а на тоа му претходеше решавање на имотно-правни прашања и расчистување на теренот. Турски театар со децении функционираше зедно со Албанскиот театар во некогашниот Театар на народностите на Бит-пазар. Поранешниот заеднички објект му е предаден на Албанскиот театар и беше реконструиран од темел. Додека траат градежните работи , ансамблот на Турскиот театар своите претстави ги изведува на сцената на „Комедија“.

Идејни автори на зградата на Турскиот театар се Виктор Михајлов и Александар Наумчески. Тоа ќе биде модерен објект кој ќе го краси Скопје  и ќе биде на 8 нивоа од кои 5 надземни и 3 подземни. Турскиот татар ќе биде современ технолошки објект кој ќе располага со две сцени со вкупен капацитет од над 450 гледачи. Малата сцена ќе биде со површина од 180 м2 и максимален капацитет до 150 посетители, а големата сцена во објектот ќе располага со гледалиште со капацитет од 329 седишта. Покрај основната фунцкија на објектот, планирано е во негови рамки да има и изложбена галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала.

Извор: МАРХ