Аца Лукас синоќа е приведен за време на настап во Кавадарци. Иако во јавноста се појавија голем број шпекулации за апсењето на српскиот пејач, од Министерството за внатрешни работи официјално известија за настанот и што точно се случувало.
Лукас бил приведен 10 минути по полноќ, при вршење на контрола на повеќе институции во угостителскиот објект каде тој имал настап.
На терен излегле полициски службеници од ОВР Кавадарци, Одделение за криминалистички работи при СВР Велес, инспектор за странци од Регионален центар за гранични работи Југ, заедно со Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Управа за јавни приходи.
-Констатирано било дека во угостителски објект во Кавадарци А.В. настапувал без потребната дозвола. Против А.В е поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци, а од страна на Основен суд Кавадарци му била изречена парична казна. При контролата во истиот угостителски објект констатирани се прекршоци од страна на УЈП за неиздавање на фискална сметка, прекршок согласно Закон за пушење, a од страна на ДПИ е констатирано дека во објектот се присутни поголем број на гости од дозволениот број, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, информираат од Министерството за внатрешни работи.
МВР во соработка со другите надлежни институции, ќе продолжи и во наредниот период со зајакнати акциски контроли на територијата на целата држава, со цел санкционирање на било какво кршење на законите.







Comments are closed for this post.