Празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица секогаш е една недела пред Велигден и се празнува во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот.

Една недела пред Велигден е празникот Цветници познат уште и како Цветоносна недела и Врбица, што се празнува во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери кршеле цвеќе од дрвјата и врбови гранки, и со нив, како и со својата облека му го постилале патот по кој минувал. Саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота или Лазарица. Според преданието во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал. Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата.

Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници кој, меѓутоа, се празнува од III век. На иконите овој чин е насликан како Исус јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.

Воскреснувањето на Лазар претставува предвесник на Христовото воскресенување, но и праобраз на општото воскресение на сите луѓе при Второто Христово пришествие. Затоа, впрочем и има големо значаење. Со своето воскресение Исус потврдил дека претстои воскресение за сите луѓе.

Во петроградското списание „Живаја старина“ во 1889 година објавени се повеќе обичаи и песни од Галичник запишани од Панајот Ѓиноски меѓу кои и такви што се изведувале на Цветници. „Цветници ја наречуваме Цветоносна недела, т.е. неделата што е пред Велигден. Утрината рано помладите невести ќе се променат во нова промена до тога необлечена, ќе си клает нов сокај и преврзок на глава или на чело и дарпна врзана и заедно со сфекрвите си, ќа си поет в цркоф на причесна. Напред требит да се причестит дете 3-5 годишно, пак по него невестата. Ако немат свое дете куќно ќе земет од некоја роднина, а без дете не се причестуват невестата, така гледает. В црков раздавает цвеќа (над кое пејана молитва) на сите, зато се таја недеља наречуват цветна“.

И во Скопско на Цветници се одело во црква од каде секој земал китка цвеќе, ја ставал во појас и ја носел цел ден. Во селата на Скопска Црна Гора тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично.

Во гостиварското село Вруток на празникот Цветници се одело на цвеќе. „Напред по цвеќе одевме на Цветници во местото што се викат Бука. Таму беревме каќунки, петопрс, здравец и други цветќа. После се враќавме назад и се допиравме ке чешмата на Ласко-Равен. Туе ќе си ручавме посно јадење: риба, маслинки и друго. Нестите и дејките ќе го китеа зравецот и другото цвеќе. После ќе пеевме, оро ќе тргаа нестите и ќе си пеа, а мие машките-ергените и младоженците гледавме како играат. И мие машките игравме само ко имаше тʼпан“.