Во годината што изминува во светски рамки беа донесени неколку одлуки коишто ќе имаат позитивно влијание врз добросостојбата на човештвото, природниот свет и Планетата воопшто.

Првпат во историјата е намален број на сиромашните

Во септември Институтот Брукингс соопшти дека по првпат, откако се води евиденција, повеќе од половина од светската популација не се сиромашни, туку се припадници на средната класа или богати. Под поимот припадник на средна класа главно се подразбираат оние кои можат да си дозволат патување, кино, театар, кои можат да си купат автомобил…

Процентот на луѓе кои живеат под границата на сиромаштија падна од 36 отсто во 1990 година на околу девет отсто годинава, пренесе „Блиц“.

Се обновува озонската обвивка

Според најновата проценка за состојбата на озонската обвивка, горниот слој над северната хемисфера веројатно ќе биде целосно обновен до 2030 година, а целиот слој до 2060 година, вели ОН. Експертите сметаат дека тоа е исклучителен пресврт, кој покажува што сè е можно кога ќе се преземе глобална акција, пишува „Позитив Њуз“.

Горилите веќе не се критично загрозени

Планинските горила отстранети се од листата на најзагрозени видови. Последните податоци покажуваат дека нивниот број се зголемил од 620, колку што имаше во 1989 година, на околу илјада денес. Во 90-тите години, организациите на заштита на дивите животни почнаа големи акции  што вродија со плод. Горилите беа на работ на измумирање, најмногу поради ловокрадците.

Херат исчисен од мини

Авганистанскиот регион Херат годинава конечно е целосно исчистен од мини, од кои голем број се поставени уште во 80-тите години од минатиот век. Години подоцна луѓето ги губеа животите,  нагазувајќи на нив. Но една британска група деминери, по една деценија работа, конечно регионот го направи чист од мини.

Намален бројот на самоубиства во Светот

Според „Економист“, глобалната стапка на самоубиства паднала за 38 отсто во однос на 1994 година, која важеше за година со рекордно многу самоубиства. Меѓутоа постојат и исклучоци како САД, каде стапката на самоубиства и натаму е во пораст.

ЕУ ги спасува пчелите

Во април, ЕУ се согласи да забрани група инсектициди кои се поврзани со драматичното намалување на бројот на пчели. Експерти од 28 држави се договорија да ја забранат уптребата на три отровни неоникотиноиди, шест години откако Европската агенција за безбедност на храната заклучи дека тие хемикалии се штетни за пчелите.

Забранет комерцијалниот риболов на Арктикот

Меѓународен договор забрани комерцијален риболов на Арктикот. Со оглед на тоа дека топењето на мразот создава нов потенцијал за експлоатација на Арктикот, забраната потпишана во октомври има за цел да го заштити поголемиот дел од кревкиот еко систем. Комерцијален риболов ќе биде забранет на значителен простор на Арктикот, согласно договорот потпишан во Гренланд.