Реформата во основното образование треба да се поддржи и е неопходна што побргу зашто се работи за најзначајно прашање кое е база на целиот образовен систем, порачаа членови на Одделението за општествени науки и на Центарот за стратегиски истражувања во МАНУ на средбата со министерката Мила Царовска каде изнесоа свои сугестии за подобрување на концепцијата.

„Дадовме редица сугестии за подобрување на концептот и очекуваме по усвојувањето, да биде подготвен наставниот план, а следен чекор – наставните програми, како и национални образовни стандарди преку кои ќе се мерат исходите на образованието – стекнатите компетенции и оценувањето на учениците, за да може да се подигне квалитетот на основното образование, кој сега, на меѓународни мерења, се оценува како исклучително низок“, рече академик Владо Камбовски.

Реформата треба да вклучи и други компоненти, додаде тој, како буџетски вложувања, подобрување на статусот на наставниците и едукација за нова филозофија на учење со која се стекнуваат знаења и способности за совладување проблеми.

„Укажавме конкретни сугестии во однос на структурата на наставниот план кој, според нас, слично на други развиени концепти, во рамки на осумте подрачја одредени како цели на системот на образование, треба да вклучи листа на задолжителни предмети, меѓу кои треба да се најдат и историја, и физика, и хемија, оние кои сега се групирани само како модули на заеднички предмет Општествени науки“, смета Камбовски.