Преместувањето на храмовите на Абу Симбел со цел да бидат спасени од поплавите на Нил е веројатно најголемата археолошка операција во историјата. Двата големи, древни египетски храмови беа растурени на делови и потоа повторно составени на повисоко тло, безбедни од досегот на водата од Нил.

Овој гигантски проект на УНЕСКО, при кој беа преместени и 20 џиновски статуи, официјално заврши на 22 септември 1968 година, повеќе од осум години откако почна меѓународната операција во којашто учествуваа стотици работници.

Двата храма на Абу Симбел, наречени така според селото во чија близина се наоѓаа, биле изрезбани во карпите крај Нил, во времето на фараонот Рамзес втори, владетелот на Египет од 1298 до 1235 година пред новата ера. Поголемиот храм на влезот имал четири колосални статуи на Рамзес во седечка позиција, а зад статуите имало простории и галерии што се протегале и до 63 метри во длабочина на карпата.

Двата храма спаѓаат меѓу „бесценетите камења“ на древна Нубија, подрачјето што се протегало долж Нил од Асуан до денешен Судан. Храмовите се најдоа во опасност кога во педесетите години од минатиот век, египетскиот претседател, Гамал Абдел Насер, го придвижи проектот за изградба на Асуанската брана со цел да го скроти моќниот Нил, да ги намали поплавите во регионот, да ги зголеми обработливите површини и да произведува електрична енергија.

Поради создавањето на големото вештачко езеро зад браната беше неопходно да се раселат десетици илјади Нубијци од нивните села, а мораше и да се преместат храмовите на Абу Симбел за да не завршат под вода.

РЕАКЦИЈА НА УНЕСКО

Во 1959 година УНЕСКО апелира за спасување на храмовите, по што почнаа меѓународни донаторски кампањи. Работите на терен почнаа на 1. април 1964 година. Прво беше изградена привремена брана за да се заштити локацијата каде што се изведуваа активностите, по што храмовите беа исечени во 1.035 камени блокови, секој со тежина меѓу 20 и 30 тони. Четирите статуи на Рамзес втори во седната положба и уште шест во стоечка, исто така беа разделени на парчиња.

Така исечените делчиња од храмовите беа подигнати на врвот од карпата, 64 метри над оригиналната локација, каде што храмовите и статуите повторно беа составени, исто онака како што изворно изгледале. Изградени беа и неколку вештачки ридови околу храмовите како заштитна пречка од Нил. Оригиналната локација на храмовите, денес е длабоко во водите на вештачкото Езеро Насер.

Околу 2.000 инженери и работници со години работеа во пустината за да го завршат проектот, што чинеше 36 милиони долари.

Историјата не памети толкава меѓународна соработка во акција од областа на културата. Педесет земји ги здружија напорите за го спасат уметничкото и историско богатство на Абу Симбел –  изјави директорот на УНЕСКО, Рене Mao, на свеленоста по повод завршувањето на активностите, на 22 септември 1968 година.