Како од филмовите за Дивиот Запад, на друштвените мрежи објавени се фотографии од полицајци качени на коњи како низ град водат Афроамериканец врзан за јаже.

Инцидентот се случил во саботата во градот Галвстоун. Бидејќи немале патролно возило, полицајците врзале јаже за лисиците и на тој начин го привеле четериесетгодишниот маж.

Тоа предизвика револт, посебно меѓу афроамериканците на друштвените мрежи кои наведуваат дека ваквата сцена ги потсетува на периодот на робовите од 19 век.

Следуваше извинување од шефот на локалната полиција кој наведе дека приведувањето претставувало „непотребно срамотење“.

„Верувам дека нашите полицајци лошо процениле и во овој случај можело да почекаат друга единица која би пристигнала со автомобил“, наведува шефот на полицијата и додава дека полицајците немале лоша намера.

Приведениот маж подоцна е ослободен со кауција.