Министерката Ирена Стефоска денеска ги посети институциите од областа на културата во Гевгелија како и археолошките локалитети Вардарски рид и Стоби. На средбата со гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков, Стефоска разговараше за поголемо учество на локалната самоуправа во културата, која сега е лимитирана заради пандемијата. Заедно беа во Домот на културата во Гевгелија, каде со директорката Весна Ристова, разговараа за тековните активности и реализацијата на програмата во услови на ковид криза како и за потребата за акустично опремување на театарот.
Националната установа Музеј Гевгелија, во кој е сместен богат движен археолошки материјал пронајден за време на повеќегодишните истражувања на локалитетот Вардарски рид, поседува околу 11 илјади предмети од првиот милениум пр.н.е.
Директорот Бобан Хусеновски со министерката разговараа за тековните проблеми со кои се соочува институцијата, меѓу кои и немањето на изложбен простор за богатиот музејски фонд, како и за иницијативата за изградба на нова музејска зграда покрај археолошкиот локалитет Вардарски рид со можност да се трансформира во Археолошки парк. Посетувајќи гo археолошкиот локалитет Вардарски рид, министерката Стефоска имаше увид и во конзервацијата на дел од објектите.
Министерката за култура Ирена Стефоска ја посети и Националната установа Археолошки локалитет Стоби. За време на посетата на локалитетот Стоби, кој е еден од најзначајните споменици на културата од римската и од доцноантичката епоха на овие простори, директорот Спасе Перовски ја информираше министерката Стефоска за тековните проекти кои, со поддршка од Министерството за култура, ќе се реализираат до крајот на годинава.
Comments are closed for this post.