Скромниот придонес на македонскиот писател и академик Зоран Пејковски во неговите книжевно – драмски, поетски, прозни, публицистички и научни остварувања ја достигна бројката од 50, и тоа со научно истражувачкиот труд: „Хрватски театарски актери и режисери што работеле во Македонија од 1913 до 1941 година“.

За него се вели дека е еден од поплодните автори, бидејќи неговиот дијапазон на творештво е различен. Проф. д-р Димитар Пандев кој е и рецензент на овој научно истржувачки труд ќе напише:…

Битола, како конзулски град со европска култура кон крајот на XIX век, и Скопје, како новооформен културно-просветен центар на почетокот на XX век, но и Македонија воопшто, како духовно гнездо на дамнешни цивилизациски вредности, во оној тежок период на пропагандно и верско, воено и административно етаблирање на соседните држави, особено во периодот меѓу двете светски војни, освен што ќе биде поприште на моќна жандармериска машинерија чија основна цел ќе биде целосно неутрализирање и уништување на македонољубните идеи и придобивање на Македонците за туѓи интереси, ќе стане и чистилиште на непожелните прогресивни сили што нема да ги прифатат вештачките творби проектирани како можно решение потем Балканските и Првата светска војна. А основната јатка на секој еден културен напредок, надвор од воспоставените шеми за национално обезличување на македонскиот народ, е токму театарот со хуманоста што извира од пораките на врвните дела на светската драмска уметност и на локалните вредности низ кои ќе се пробие забранетата мисла од сцената во гледалиштето, а потем долго ќе се прераскажува како незапирлива духовна стихија.

Во научно истражувачкиот труд ХРВАТСКИ ТЕАТАРСКИ АКТЕРИ И РЕЖИСЕРИ ШТО РАБОТЕЛЕ ВО МАКЕДОНИЈА ОД 1913 ДО 1941 ГОДИНА даден е само еден мал дел од сето она што се случувало на македонските сцени во односниот период, преку имињата на театарските дејци кои прераснале во легенди, зашто непокорот што им бил судбина, од светлините на европските културни центри што морале да ги напуштат поради прекројување, не само територијално, на европската мапа, како и од нивните родни места, во кои биле принудени да се почувствуваат излишни, ќе ги одведе во Македонија.

Хрватските театараски актери ќе ја продлабочат историската димензија на културните врски меѓу Хрватска и Македонија и ќе се вложат во културните достоинства на македонскиот театар. И ќе донесат дел од европската култура во Македонија.

Трудот на Зоран Пејковски спасува од заборав многумина од нив, го освежува нивниот драмски подвиг и ја зацврстува историјата на македонско- хрватските културни врски во еден досега недоволно допрен сегмент….