Министерката за култура Ирена Стефоска на 30 октомври изврши увид во тековните активности на неколку значајни културни добра во Преспанскиот регион. Посетата ја започна со црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде е започната првата фаза од непосредната заштита на архитектурата на ова непроценливо културно наследство од 12 век, известија од Министерството за култура.
Како што информирала директорката на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, Мери Стојанова, веќе се извршени сите подготвителни работи и се реализирани зафатите за превентивна конзервација на ѕидното сликарство, неопходни за започнување на првата фаза од реализацијата на проектот.
Истовремено, Стојанова информирала дека како надлежна установа веќе поднеле инцијатива за прогласување на црквата во Курбиново за културно наследство во опасност. Како што кажала министерката Стефоска, тоа ќе помогне да се мобилизираат сите професионални, материјални и специјалистички ресурси за да се обезбеди трајна заштита на ова културно добро, кое по своите вредности е на ранг на најдобрите репрезенти на своето време со светско значење.
Comments are closed for this post.