На програмата на „Охридско лето“ вечер е концертот на нашите уметници на пијано – дуото Гебелшеви.
Уште од периодот на почетоците на своето делување во 2001 година пијано-дуото Гелебешеви составено од Катерина Гелебешева – Костадиновска и Глигор Гелебешев се промовира како ансамбл со ретка виталност и свежина на нашата музичка сцена.
Настапите на дуото Гелебешеви се карактеризираат со перфекција во музичката креацијата доловувајќи ги суштинските одлики на композициите од технички, уметнички или стилски аспект.
Од нивните првични домашни настапи кои често вклучуваат и премиерни изведби, дуото Гелебешеви постепено започна да ја проширува својата концертна дејност на интернационално ниво и тоа во Франција, Холандија, Италија, Романија, Полска, САД, Хрватска, Словенија и други држави. Дуото Гелебешеви имаат остварено настапи во речиси сите градови во земјава и на реномираните фестивали како: „Интерфест“ – Битола, „Хераклејски вечери“ – Битола, „Денови на Македонска Музика“ – Скопје, „Златна лира“ – Скопје. Во 2012 година, ја добиваат наградата „Златна лира“ врачена од Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). Дуото во 2016 година го бележи и својот прв настап со Македонската филхармонија изведувајќи го концертот за две пијана и оркестар од Ф. Пуланк.
Нивниот репертоар во континуитет се надградува и опфаќа дела од сите музички периоди од класиката, преку романтизмот до современата музика. Во текот на својата повеќегодишна работа дуото Гелебешеви имаат објавено и две аудио изданија во 2008 и 2018 година кои наидуваат на одличен прием кај стручната музичка јавност.
Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот.
Comments are closed for this post.