На 31 март, во 19 ч. – Кинотеката ќе одржи омаж за Љупчо Тодоровски-Упа (Скопје, 02.05.1956 – Скопје, 22.01.2021): актер, кастинг-директор, сценарист и продуцент. Во чест на прерано починатиот Упа ќе биде прикажан мини-документарец подготвен од неговите пријатели и соработници, краткиот игран филм НАЛЕПНИЦА на Георги М. Унковски (една од последните улоги на Упа), и ЈАЗОЛ на Кирил Ценевски, во кој Упа ја оствари својата дебитантска улога на филм.
Упа играл во триесеттина кратки и долгометражни играни филмови и ТВ серии на повеќе јазици. Потписник е и на петнаесетина театарски режии и има одиграно десетици улоги во проекти и во театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и на безброј разни други сцени.
Актерството го доживуваше како фрлање зрак светлина врз туѓите животи. Еден е од основачите на аматерскиот театар „Чекори“. Во 1983 дипломира актерство кај проф. Љубиша Георгиевски. За време на студиите настапува во Драмскиот театар во Скопје. По Академијата, воден од творечкиот немир и можността за почесто играње на филм, заминува за Белград, каде останува цели 10 години… Го „пече“ занаетот покрај искусни и водечки југословенски актери, настапувајќи во повеќе филмови и театарски претстави. Од 1997 год., покрај актерството, се занимаваи со филмска и ТВ продукција, пишува сценарија и работи кастинг директор (избор на актери)…
Филмски ангажмани:
2002: ЗАЕДНО ЗА МАКЕДОНИЈА, кастинг директор, ПРИСТОП, Скопје; НЕБО, ПРАШИНА, ВЕТЕР И ПАТ, кастинг директор за главна улога (игран филм), EUROFILM STUDIO Kft, Унгарија; ИЗЛЕЗ ЗА РАЈОТ, кастинг директор за главна улога (игран филм), Германија; РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ, кастинг директор за споредна улога и скрипта (игран филм), E-MOTIONFILM, Словенија;
2001: Извршен продуцент на 6 документарни филмови за Македонија;
2000: ЗАД НЕПРИЈАТЕЛСКАТА ЛИНИЈА, локален кастинг директор за споредни улоги, 20th CENTURY FOX; ГАЛИЧКА СВАДБА, асистент режисер (документарен филм), PICTOR Association, Paris/France и Министерство за економија; MR. ALPHABET, продуцент и сценарио на пилот-епизодата за детска ТВ серија, ТВ ЕРА и CATENA MUNDI ПРОДУКЦИЈА;
1999: НАШЕ МААЛО, кастинг асистент (ТВ серија), TW (“Sesame Street”) and CG Prods; МОЈОТ ТАТКО ЕДВАРД, NFS, Велика Британија; ЈАСНО ЛИ Е ПРИЈАТЕЛЕ, DA Film, Croatia Film; ШМЕКЕР, Унион филм, Белград; СЕКУЛА И НЕГОВИТЕ ЖЕНИ, Avala Profilm; ВРЕМЕНО РАЗВЕДЕНИ, Union Film; ЧЕТВОРИЦА ВО ОКТОМВРИ, Avala Profilm…
Актерска филмографија: 1985: ЈАЗОЛ; 1994: ПРЕД ДОЖДОТ; 2001: ОСВЕТА;2010:ВОЈНАТА ЗАВРШИ; 2016: ЏГАН; 2018: РУГАЊЕ СО ХРИСТОС; 2019: НАЛЕПНИЦА (краток игран филм).
Новиот милениум го започна со главната улога во играниот филм ОДМАЗДА на Јан Хитјенс, а една од последните главни филмски улоги ја оствари во филмот РУГАЊЕ СО ХРИСТОС. Неостварен сон му остана реализацијата на долгометражниот игран филм МАЈСТОРОТ, за кој го напиша сценариото уште во 2010 година. Режисер на овој филм требаше да биде Иво Трајков, а проектот имаше и начелна согласност за соработка со легендарниот кинематографер Виторио Стораро (Vittorio Storaro), кој во 2005 ја доби „Златната камера 300“ за животно дело на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.
НАЛЕПНИЦА
(Sticker)
2019, 18 минути, колор
Режија: Георги М. Унковски (Georgi M. Unkovski)
Сценарио: Георги М. Унковски (Georgi M. Unkovski)
Улоги: Сашко Коцев, Соња Стамболџиоска, Мони Дамевски, Љупчо Тодоровски-Упа, Џевдет Јашари (SashkoKocev, Sonja Stamboldzioska, Moni Damevski, LjupcoTodorovski-Upa, Dzevdetjashari)
Црна комедија во која главниот лик, по неуспешниот обид да ја обнови сообраќајната дозвола за неговото возило, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми. Сепак, тој е решен по секоја цена да стигне на време на роденденот на неговиот син и да му го даде подарокот…
ЈАЗОЛ
(Knot)
Игран филм, Македонија
1985, 117 мин., колор, 35 мм
Режија: Кирил Ценевски (KirilCenevski)
Сценарио: Славко Јаневски (SlavkoJanevski)
Улоги: Лазар Ристовски, Ацо Јовановски, Кирил Ристовски, Костадинка Велковска, Петар Арсовски, Љупчо Тодоровски-Упа (Lazar Ristovski, AcoJovanovski, KirilRistovski, KostadinkaVelkovska, PetarArsovski, LjupcoTodorovski-Upa)
Дејството на филмот се случува во март 1943 година, кога според планот на геноцидното однесување кон Евреите беа транспортирани и Евреите од Скопје… Хирургот Никола, кому му е одземена дозволата за работа од страна на бугарската окупаторска власт, ги минува долгите монотони вечерни часови во хотелскиот бар. Гости во барот се германските офицери, како и бугарскиот началник Симеонов. Офицерите се забавуваат играјќи руски рулет, кој се разликува од изворната варијанта по тоа што германските офицери стрелаат во главата на затвореникот Симеон, човек од илегалата и познајник на Никола…Еден од луѓето на Партијата, кој честопати доаѓа во градот за да одржува врски и да пренесува директиви, е Јанко Подгорник. Тој се претставува како деловен човек и отседнува во хотелот. Но, бугарската полиција го открива и тој ранет успева да побегне. Така повреден се поврзува со Симеон, кој бара помош од Никола. Постојано пијан и политички неопределен, Никола се колеба, но сепак му помага на повредениот и му го вади куршумот од ногата на која ѝ се заканува гангрена… Во празниот дом на хирургот Никола го пречекува неговата поранешна девојка Марија. Врската со неа му носи немир, таа бара докази за неговата љубов и притоа пројавува љубомора кон поранешната соработничка на Никола, медицинската сестра Дора, која е Еврејка…
ПРИЈАТЕЛИТЕ ЗА УПА
Симеон Мони Дамевски, актер и директор:
Мојот другар Упа, имаше четири големи љубови. Во неговата младост, прва му беше уметноста. Таа нè запозна, нè зближи, и од колеги не престори во најдобри другари, кумови, соборци, ортаци и духовни браќа. Подоцна, кога истата нè раздели, зашто тој тргна по остварувањето на своите соништа во Белград, а јас во Америка, а негова втора и најголема љубов стана неговото семејство. Упа ја обожуваше својата сопруга и бескрајно ги сакаше и се гордееше со своите синови. За нив беше спремен да даде сè. Секогаш со мисла како да ги израсне подобро, да им помогне полесно да ги остварат нивните дарби и соништа, тој стана нивна сенка и најголема поткрепа. А, кога ги израсна и тие помалку или повеке тргнаа по свој пат, Упа ја откри својата трета голема љубов. Во делот од животот кога повеќето се уморуваат од него, тој уште посилно ги засака луѓето. Секогаш спремен да посоветува, да расположи, да каже убав збор и да учествува во остварувањето на нивните потфати, тој стана поткрепа за многумина добри луѓе.
Мојот, нашиот Упа – имаше дарба за многу нешта. Беше бескрајно талентиран актер, извонреден сценарист, прекрасен пријател и извонреден трговец. Страсно ги сакаше македонскиот јазик и поезијата, умееше да создаде од ништо нешто, да му продаде стари штици на „старо купувам“, да тргува и со нафта и со клавири, оти умееше да се пазари, да убеди, умееше да изгради дури и зграда. Ако наумеше нешто, немаше врата што Упа не можеше да ја отвори.
Упа беше столб и поткрепа за многумина – за мене, за неговото семејство, за неговите пријатели и соработници и за неговата четврта голема љубов, Скиентологијата. Тој беше еден од нејзините основоположници и најголеми заштитници. А веруваше дека може СÈ, дека може САМ, и затоа ретко бараше помош. Затоа, знам дека многумина од оние кои ме побараа утрото по неговото заминување, во неверување дека веќе го нема, би сториле многу, ако и кога би можеле да му помогнат во неговата последна „битка“.
Но, ако мислите дека Упа ја загуби таа битка, не сте го познавале доволно. Тој не беше човек што се предава. И – тој не веруваше во смртта. Веруваше дека животот е игра во која ние, по природа бесмртници, по секој прекин, повторно и повторно се враќаме назад овде, за да ги оствариме своите неостварени цели и соништа.
Затоа, сега не ни преостанува ништо друго освен да му посакаме само убавини, каде и да решил да оди оттука натаму, и да се надеваме дека еден ден, нашите патишта повторно ќе се вкрстат.
Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент:
Се смеевме гласно, со кревање глава, задолжително развлекување на „ааааахааа“ и плескање со рацете. Цела кафеана се врти кон нас и сите нè гледаат. Гајле ни е, се смееме за да нè гледаат дека се смееме. Смеењето секогаш беше последица на сериозен разговор за сериозен проблем. А толку многу сериозни разговори за сериозни проблеми сме терале, што сега, од оваa дистанца, сосема неразумно сфаќам дека сите наши сериозни проблеми биле смешни. Најпосле, омилен начин да ја завршиме средбата и разговорот за сериозниот проблем ни беше „досмевање“ со омилената теза: „Ако сакаш да го насмееш Господ, кажи му за своите планови!“.
А толку многу планиравме. А-ха, немаше сериозен проблем со кој сме се соочиле да не завршил со сериозен план како да го победиме, правејќи му смешки на Господ! Боже, колку смешно?! Ете, така смешно го планиравме животот во кој останаа поприлично испланирани работи што треба(ше) да ги направиме заедно. Филмот КИНО ЉУБОВ да се сними до крај, да се почне со реализација на филмот ШЕЌЕРНА ЗЕМЈА до крајот на март, да се донапишат сценаријата за филмовите ЉУБОВ и НЕБО – и секако, летово да почне снимањето на АЛЕКСАНДАР, играната серија која веќе беше подготвена: беше снимена и пилот-епизода, па во септември требаше да почне снимањето. Упа ја играше главната улога и беше копродуцент. И на крај, уште еднаш да видиме што ќе се прави со – МАЈСТОРОТ…! А и толку многу другите проекти се развиваа и подготвуваа во светот на желбите.
Ааааахаа! Што да се прави, мајсторе? Освен планови? Да се смееме, онака како ти што се смееше. Гласно, со кревање глава, задолжително развлекување на „аааааахааа“ и плескање со раце! Оти, нели, разбравте дека главната идеја ни беше да се смееме гласно за да го насмееме Господ со нашите планови. Упа, Мајсторе – се смеам секој ден. Знам дека си сериозен сега кога пишувам за нашите планови. Не се смеј, не кревај глава, не развлекувај на „ааааахаа“, оти грми небото, и знам дека тоа си ти!
Георги М. Унковски, филмски режисер:
Ми се чини сосема надреално и неприфатливо дека толку рано и предвремено седнувам да напишам некој збор во сеќавање на Упа. Човек кој со својата енергија и пркос знаеше да допре до секого. Секогаш во акција, секогаш со огромна желба за живот, неизмерна љубов кон филмот, кон својата професија и кон луѓето околу него. Отсекогаш сум се восхитувал на Упа, кој неуморно успеваше да го одржи својот оптимизам дури и во времиња кои беа посебно тешки и непријатни. Од Упа имам уште многу да научам, а сега можам само да кажам дека ми е чест што успеав барем на кратко да бидам дел од неговиот живот и лично да бидам сведок на неговото творештво. Недостасуваш, и сега и во иднина.
Comments are closed for this post.