Околу 800 Французи со 260 автомобили „пежо 205” денеска треба да пристигнат во Крива Паланка и да донираат околу 100 килограми училиштен материјал. Тие се учесници во карванот „Еуроп раид” кој шеста година по ред обиколува дел од Европа, минувајќи 20 држави за 23 дена и изминувајќи околу 10 000 километри.

Годинашната рута на „Еуроп раид” почна на 27 јули и ќе трае до 17 август. Учесниците ќе донираат 17,5 тони училишни материјали и прибор во неколку балкански градови. Крива Паланка е избрана за посета и донација затоа што е активна во областа на Франкофонијата. Донации ќе има и за школи во Босна и Херцеговина, Албанија и Бугарија.

Во рамките на овој настан, Крива Паланка ќе ја посети и францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние, кој ќе има средба со градоначалникот Борјанчо Мицевски. Амбасадата на Франција соопшти дека на средбата ќе се разговара за зајакнување на децентрализираната соработка, особено преку овој важен проект на француската солидарност преточен во туристичка активност, како и за развојни проекти на општината – гасификација, зимско спортско одморалиште, органско земјоделство…

Мисијата на „Еуроп раид” како и во минатите пет изданија е во духот на солидарноста и е со цел да им помогне на деца кои немаат пристап до училиште или живеат во неповолни услови. Учесниците во карванот донираат по најмалку 100 килограми училишна или спортска опрема во државите низ кои минуваат.

Од Општина Крива Паланка соопштија дека градот е подготвен за прием на посетителите од Франција, кои ќе присуствуваат на франкофонски музички хепенинг закажан за 16 часот во дворот на основното училиште „Јоаким Крчовски“. Во 20 часот вечер гостите ќе проследат културно-уметничка програма на градскиот стадион каде ќе се стационираат и ќе кампуваат во текот на ноќта.