Иако старото градско јадро на Охрид не ја доживеа судбината на Дубровник, сведоци сме дека повеќе од една деценија, се форсира своевидна „обнова“, односно градење сосема нови објекти, дури не се почитува веќе и онаа т.н. факсимилна реконструкција, или рушење на стариот, автентичен објект и градење нов со идентичен обем и изглед, велат од Охрид SOS.
И во тој случај, колку можеме новиот објект да го третираме како стар кога датира од ново време? Се градат и надградуваат објекти, се употребуваат несоодветни материјали според Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, и сè со амин на Завод и Музеј Охрид и Управата за заштита на културното наследство..
Се чини како препораките на УНЕСКО, Владата, Министерството за култура и Општина Охрид да ги користат како тоалетна хартија, бидејќи на терен не само што нема мораториум, не само што не се почитува законот за старото градско јадро, туку енормно се отстапува од пропишаните норми. Додека некој со децении не може да промени ни шајка на своите објекти, некој прави што сака. Дека е ова факт, одберете само една улица низ стариот дел на градот и веднаш ќе се уверите. За чаршијата воопшто и да не разговараме, тука веќе институциите потпишале капитулација.Според податоци од Завод и музеј од Охрид, во изминатава деценија голем број објекти се избришани од Регистарот на културно наследство бидејќи спротивно на востановените практики, ги реновирале или рушеле своите куќи и граделе сосема нови објекти. Така, изгубени се многу примери на стара градска архитектура од изминатите два века, најмалку.После првичната изјава за бескомпромисна борба за зачувување на културното наследство, министерката Стефоска како да стивна, не го ни посетила Охрид да ја види моменталната состојба, а веројатно не сака ни да ги види сиве овие девијации кои се прават со дозвола на институции кои се под нејзиното министерство. Неми се и пратениците од Охрид во Собрание, неми се општинските советници, ова не е атрактивна тема за нив. Квази мораториумот, тој параван за светските организации, нити се почитува нити некој го есапи. До нас реагираат наши сограѓани за разни незаконски интервенции, проширување објекти, надградување, изменување. Никој ништо не санкционира. Пред избори, Зоран Заев и Радмила Шеќеринска ветуваа дека „можеме“ да се избориме за природното и културно наследство на Охридскиот Регион. Не можат. И по три години на власт, и со нов мандат, покажуваат само неспособност, немање капацитет, безволност, корумпираност. Нити пак реално сакаат да се справат со овој огромен проблем. Во меѓувреме, старото градско јадро станува ново. Се градат дури и базени и тераси на поткровје со кади, велат од Охрид SOS.
ПОСТАР И ПОУБАВ ОХРИД
Насловот како парафраза на онаа несреќна изјава на градоначалникот на Требиње Божидар Вучуревиќ…
Posted by Охрид SOS on Monday, October 5, 2020
Comments are closed for this post.