Невладината Охрид СОС на социјалните мрежи побара да се заштитат македонските ресурси и заштитени подрачја.

КРИМИНАЛНИТЕ КАНЏИ ПОДАЛЕКУ ОД СКАПОЦЕНИТЕ МАКЕДОНСКИ РЕСУРСИ И ЗАШТИТЕНИ ПОДРАЧЈА!

Нема поголема потврда на фактот дека ние сме едно длабоко раслоено општество каде што на власт е политичка елита, (односно т.н. политичка класа) која угнетува, која прави од нас, „обичните смртници“ ментални и физички робови, а која ја одржуваме на нејзината привилегирана позиција со секое вртење на главата на страна, со секое „мене не ме интересира политика“.
Последните случувања во Собранието се многупати повторена и повеќе од јасна порака до нас „обичните смртници“: институциите постојат за да работат во служба на нечии лични интереси, не во служба на јавниот интерес.
Политичарите на власт кога треба нешто да уништат, да узурпираат, да нанесат штета на јавниот интерес, секогаш наоѓаат „можност во согласност со Уставот и законите“. Кога треба нешто да уништат секогаш и без исклучок се надлежни. Ненадлежни се само кога треба нешто да заштитат.
Таков е случајот и со последните информации кои излегоа во медиумите. На 11 мај во Собранието бил изгласан ВО СКРАТЕНА ПОСТАПКА Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Криминалниот закон бил усвоен со 72 гласа „за“ и од власта и од опозицијата (нивната наводна спротивставеност е само долго перпетуирана делузија за јавноста, тие се всушност едно исто). Носењето на овој закон не е ништо повеќе од озаконување на криминалот на урбаната мафија. Најчесто граѓаните кои немале доволно средства да ги легализираат сопствените домови, повторно остануваат заглавени во корумпираните лавиринти на македонските криминални институции каде што предметите за кои не е дадено мито, стојат во фиока „во согласност со закон“.
Охрид ЅОЅ со години се бори за одржлив развој на Регионот и благодарение на нашата континуирана и посветена волонтерска работа – сме успеале во повеќе наврати да ѝ застанеме на патот на урбаната мафија. Но тоа не значи дека нас не нѐ интересираат останатите заштитени подрачја во Македонија кои со овој криминален закон стануваат мета на бескрупулозно, и можеби неповратно, уништување. Ние сме свесни дека сѐ е поврзано и уништувањето на природата каде било на ова мало парче земја не може, а да не се одрази и на останатите делови на еден или на друг начин.
Но криминалниот закон за легализација на дивоградбите не е единствениот закон што криминалците во Собранието го имаат во план. Со новиот Нацрт-закон за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост (кој е моментално поставен на ЕНЕР и отворен за коментари од јавноста уште 11 дена), ќе овозможат НЕКОНТРОЛИРАНО И КРИМИНАЛНО РАСПРОДАВАЊЕ на стотици илјади хектари плодно земјоделско земјиште кое ќе се продава по цени од 0,20 ЕУР и 1 ЕУР за метар квадратен на кое „по исклучок во согласност со закон“ ќе може да се отвараат и рудници, ќе може да се градат монструозни објекти и останати „инвестиции“, што секако не исклучува тешка и загадувачка индустрија! Во ера на климатска криза, наместо државата да работи на што посеопфатна заштита на нашите природни ресурси бидејќи ние сме земја која има извонреден потенцијал за одгледување и извоз на земјоделски култури – ТИЕ ГИ ПРОДАВААТ НАШИТЕ СКАПОЦЕНИ ПРИРОДНИ РЕСУРСИ ЗА ЕДНО ЕВРО!!!
Вака се создава култура на уништување. Вака се нормализира узурпацијата на јавното од страна на моќни поединци. Вака се праќа порака дека тука правото не владее, туку владее законот на посилниот. Не смееме да им го дозволиме ова!
Следете ја нашата страница, ќе известуваме како може да се вклучите во борбата да ги спречиме криминалците да ни ги узурпираат ресурсите кои ни се неопходни за ПРЕЖИВУВАЊЕ!