Со низа пригодни свечености, во Охрид денеска се одбележува 128 годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник Григор Прличев и 160 годишнината од создавањето на неговата поема „Скендербег“.

Овој ден е и патронен празник на ОУ „Григор Прличев“, кој ќе биде одбележан во согласност со здравствените протоколи. Ќе биде положен ловоров венец пред спомен бистата на Прличев, по што ќе бидат доделени  награди на првонаградените ученици на распишаниот литературен конкурс по повод Патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“.

Претпладнево делегации на градот и институции ќе се поклонат пред гробот на великанот каде ќе се одржи панихида.

Пред бистата на Григор Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“, беседа за ќе одржи Мерсиха Исмајловска, член на ДПМ.

Во изложбениот салон на Центарот за култура, пак, ќе биде отворена изложба на ликовни дела од колекцијата на НУЦК „Григор Прличев“, по што ќе се одржи централнмата свеченост на која ќе биде врачена наградата за најдобра поема за 2020 година „Капетаните“ на Лилјана Пандева.

Попладне во градската библиотека ќе биде промовирана книгата „За Прличев и неговиот XIX век“ од д-р Вера Стојчевска-Антиќ.

Книгата е симбиоза од  научно – истражувачки текстови од д-р Стојчевска – Антиќ објавувани и презентирани во период од  близу 40 години наназад на разни домашни и меѓународни конференции и настани и поводи. Од нив извира поврзаноста на Прличев со св Климент  и неговото силно влијание  врз одредени слова кои се мотивирани од заеднички извори. Трудот на д-р Стојчевска – Антиќ ги бара постојните преоди на нашиот јазик од времето на старословенскиот литературен јазик, кој во разните словенски средини преминува од XII век во црковнословенски, за да се дојде до XIX век со потреба од изрaзување на сопствен литературен јазик, различен од бугарскиот, од српскиот, а разбирливо тоа е евидентно и со грчкиот јазик.