Најголемата музичка ѕвезда на овие простори и миленик на сите генерации Здравко Чолиќ по четири годишна пауза на 10 и 17 ноември ќе одржи два големи коцерта во ВИП Арената „Борис Трајковски” во Скопје. Легендарниот Чола е едно од ретките имиња на поранешната југословенска естрада, кое во своите 40 години солистичка кариера опстојува со речиси ненамалена популарност.
По сите овие години што уште Ве мотивира да се занимавате со музика?
Пред се, ве мотивира публиката и големиот број луѓе кои доаѓаат на концертите. Тоа е најголемата мотивација, но и самите песни во кои уживаш додека ги снимаш.
Како е да се биде Здравко Чолиќ?
И лесно и тешко… Од една страна, обврската кон ваков вид на јавна работа е тешка и мислам дека оние кои можат да ги издржат јавноста и притисокот од медиумите, да се борат со менаџерите и разни менаџменти, да се грижат за себе а пред се да воспостават најпозитивен однос со прекрасната публика, се всушност тие кои можат да се занимаваат со таква работа. А Здравко Чолиќ приватно е многу релаксиран, хедонист, човек кој ги сака луѓето, сака да се дружи, патува… и морам да признаам дека повеќе ми одговора овој поопуштен Здравко Чолиќ.
За која песна можете да кажете дека е Ваша „лична карта”?
Повеќе песни, тешко е да се определи во мојот случај, до да речеме тоа е „Песно моја” и од последниот албум „Куќа полна народ”, бидејќи токму таа зборува за ширење на љубов и позитивна енергија кон луѓето, што јас цел живот го правам без разлика на работата со која се занимавам, а тоа е најубаво да се направи преку музика или преку филм или уметност… Најголем подарок од Бог е со гласот да развеселуваш луѓе и да шириш позитивна енергија.
Дали сте суеверен и имате ли некаков ритуал пред настап?
Не сум нешто посебно суеверен. Пред настап сум секогаш сам, во еден вид „карантин”, се осамувам и се посветувам себе си. Тие денови пред концерт храната е поприспособена, но тоа не е ништо посебно, се е во нормални услови за некој што се занимава со ваква работа.
Синглот „Друже Тито ми ти се кунемо” е издаден во 1978 година. Имавте ли некогаш средба со Јосип Броз Тито?
Имав средби со Тито. Четири пати пеев за Тито и мило ми е поради тоа. Тоа беше такво време, песните за Тито беа дел од тие фестивали. Тоа беше едно убаво време кое не обединуваше, дел од нашиот живот и не треба да се бега од тоа.
Мислите ли дека светот на технологијата, интернетот и Јутјуб денес негативно влијаат врз квалитетот на музиката и колку сте активни на социјалните мрежи?
Приватно немам ниту една од тие социјални мрежи, тоа го прават моите фанови кои се многу активни. Технологијата и интернетот денес овозможуваат побрзо да дојдете до информации. Од друга страна, секој може да сними песна и да ја постави на Јутјуб, што во мое време кога ја почнував кариерата не можеше толку лесно да се дојде преку ред на сцена, до медиумите и публиката. Беше потребен многу поголем труд. Мислам дека се губи на емотивно поле, ако се спореди со некогашното слушање плочи, дружењето со музика и концертите кои беа поинакви. Добивме една глобална приказна, која во краен случај нема да ја спречи музиката да се развива и секој, индивидуално ќе најде начин како ќе ја слуша музиката.
Каква музика слуша Здравко Чолиќ приватно и каков е Вашиот коментар за денешната музичка сцена во регионот?
Слушам буквално се… Има моменти кога ти се слуша блуз, соул, а некогаш забавна поп и рок музика. Кога се оди во кафеана не бегам од добар народен мелос. Амбиентот секогаш одредува што треба човек да слуша. Ако заминеш на некој техно фестивал ќе влезеш во атмосфера на тој главно помлад свет. Сакам кога сум во странство да отидам на добра блуз или џез забава. Она што е интересно, сакам компилации кои имам навика да ги купувам.
Дали вашите две ќерки Уна и Лара имаат афинитети кон музиката, гледате ли во нив Ваш наследник и ја имаат ли Вашата поддршка?
Тие имаат афинитети и талент за музика, јас нема да им се мешам во изборот на нивната професија, ќе им помогнам и секогаш ќе им давам совети. Но тоа е тешка работа за жена. Некогаш изведувачите беа заштитени на поинаков начин. Тогаш издавачки куќи и телевизии се грижеа за нив, а денес се оставени сами на себе и тоа е многу потешко.
Во тек на Вашата долгогодишна кариера соработувавте со најпознатите музички имиња на просторот на поранешна Југославија. Постои ли во моментов некое име во Македонија кое би ја заслужило Вашата доверба за да стави потпис на некоја ваша песна во иднина?
Ја следам македонската музичка сцена, има перспективни млади музичари, но да не издвојувам сега некого посебно. Сигурно ќе има можност со некого и да соработувам. Григор Копров е мој пријател и жал ми е што не соработував со него. На минатиот албум соработував со Влатко Стефановски.
Досега трипати ја наполнивте Маракана и еднаш Ушќе. Имате ли предизвик повторно да го направите тоа и дали македонската публика може да очекува од Вас еден голем музички спектакл на стадионот во Скопје?
Во Арената во Скопје е малку поинтимна приказна, сега е времето постудено за концерти на отворено. Познато е дека јас сум учествувал на манифестации во многу градови во Македонија, па луѓето имаа можност да дојдат на концерти кои се одржуваа на плоштади, каде атмосферата е слична како на стадион, бидејќи присуствуваат голем број луѓе.
Може ли да ни откриете што подготвува Чола за публиката во Скопје и дали ќе имате музички гости на концертот?
Овој пат ќе имаме два концерта во ВИП Арената „Борис Трајковски” и мило ми е што има таков интерес кај публиката. Ќе поминеме низ времето, ќе има некои стари песни кои не сме ги свиреле долго и некои нови. Една пригодна програма и на некој начин ќе го промовираме и новиот албум „Она малку среќа” со околу шест нови песни кои ќе ги пееме, како и старите хитови без кои едноставно не можеме
Comments are closed for this post.