Културната јавност се разбранува по одлуката за директор на Центарот за култура во Струмица да се назначи спортски работник, но тоа деновиве се повтори и во Тетово. Арлинд Хусеини е именуван за нов директор на националната установа Центар за култура „Иљо Антески-Смок” во Тетово. Хусеини, роден 1977 година, доаѓа од работната позиција шеф на кабинет на државен секретар при Министерството за култура каде работел во изминатите 8 години. Воедно на тетовската јавноста е познат како спортски работник.

Мојата насока на работење во Центарот како раководител е да одат работите на подобро. Пред се имајќи во предвид дека ние како Центар сме одговорен субјект за процесот за градење на новиот објект до нашиот каде треба да бидат сместени националните установи Тетовски театар и градската библиотека „Кочо Рацин”, изјави Арлинд Хусеини.

Во спортската јавност Арлинд Хусеини е познат како основач и тренер на карате клубот „Фати” – Тетово од 2001 година, со кој е организатор на меѓународниот турнир „Тетово опен”. Воедно е селектор на карате репрезентација за постари јуниори од 18 до 21 година. Дипломирал на Факултетот за физичка култура, а има завршено пост-дипломски студии по спортски менаџмент.