Прилепскиот уметник и стрип-автор Златко Крстевски во Јужна Кореја доби награда за сликата „Genius Locci“ – масло на платно со димензии 140 на 80 сантиметри, диптих работен на релација Пиран (Словенија) – Битола – Прилеп.

Наградата за Крстевски му е доделена на 20-тата изложба во Инчеон (Incheon Metropolitan Art Expo) што од 15 до 21 ноември се одржува во тој јужнокорејски град. На изложбата учествуваат 190 уметници од САД, Индија, Холандија, Сингапур и од други земји.

Оваа награда е уште една потврда за реномето на македонскиот уметник на меѓународната сцена, кој е добитник и на други интернационални награди.

Крстевски активно се занимава со сатиричен цртеж и современ стрип, изработува скулптури во дрво, а неколку се изработени на меѓународниот симпозиум „Plener Garbatka“ во Полска и се  дел од музејот „Kozienice-Radom.

Почестен од добиената награда во Јужна Кореја, Крстевски вели дека не престанува да учествува на меѓународни изложби, колонии, симпозиуми.

– Изминативе месеци учествував и на „Eureka The Global Goals“ во Милано во рамките на „Milano Green Forum-Italija“, потоа во Полска на „Manifaktura Satyry-Ziradov“, па во Баку и во Прага. Сето тоа е искуство и запознавање со уметноста на бројни уметници од светот, изјави Крстевски.