Велешкиот кларинетист Благој Ламјов, кој 15 години живее и работи во Шведска, синоќа во Велес го промовираше својот прв  албум „Nostalgic love“ („Носталгична љубов“) – негов целосно авторски проект, во кој е изведувач, композитор и продуцент.

Содржи 10 инструментални композиции, изведени со кларинет, пијано, бас и ударни, гитара, а создадени најмногу под влијание од македонската музика. Ламјов рече дека долго експериментирал со музиката и резултат на неговата 14-годишна работа е овој музички албум.

-Креирав свој препознатлив стил, затоа што сакав да бидам различен, да го привлечам вниманието на сите кои никогаш не слушале кларинет од тинејџери, блузери, џезери, турбофолкери. Успеав најтешките групи на луѓе да ги привлечам кон мојата музика, во Македонија, нисто така и во странство, рече тој зборувајќи за албумот кој е снимен во Малме.  Ламјов  работи на втор албум и планира да го издаде за три години. И тој  ќе биде во овој стил, но со мала промена на инструментите.

Кларинетистот од Велес работи како музичар во тетатарот во Стокхолм, каде што во овој период настапува во мјузиклот „Музичарот на покривот“ со познати шведски актери. Како слободен музичар, четири до седум месеци во годината работи и во Операта во Малме и во Филхармонијата во Хелсинки. На 21 и 22 јануари Ламјов ќе настапи како солист со оркестарот на  Филхармонијата на Норшоп. 

Благој Ламјов завршил основно  музичко училиште во родниот Велес во класата на професорот Златко Андреев. Средно музичко  образование стекнал во Штип, а потоа  се школувал  на Факултетот за музичка уметност во Скопје и продолжил на  Универзитетот Лунд во Малме. Во 2008 година на кларинет победил на претстижниот натпревар на класична музика „Barnett Family Foundation“  во Чикаго.