На ова место се пронајдени многу лични предмети на луѓето кои тука починале, како бурми и прибор за храна.

За време на Втората светска војна, Адолф Хитлер создал неколку логори на смртта во кои се убиени скоро шест милиони Евреи, од кои 1,5 милиони биле деца.

Археолозите, долго после војната ги истражувале локалитетите каде што бил вршен холокаустот, во потрага по изгубени предмети и тајни. Пронајдени се остатоци од гасни комори, кои биле закопани по затворањето на логорите.

Еден од тие локалитети бил во Собибор во Полска, каде што се проценува дека биле убиени повеќе од 250.000.

Нацистичките сили се обиделе да ги избришат сите траги за постоењето на логорот. Врз местото бил изграден асфалтен пат откако лидерот на СС Хајнрих Химлер наредил тој да биде уништен.

Оваа наредба дошла откако затворениците се кренале против вработените во логорот на 14 октомври, 1943 година. Дванаесетина СС-офицери биле убиени во овој заговор, кога затворениците им рекле на чуварите на логорот дека нашле квалитетни или скапи предмети со цел да ги намамат на место каде што би можеле да ги заколат.

По ова околу 300 до 600 еврејски затвореници биле ослободени, но многумина биле застрелани додека се обидувале да избегаат. До крајот на Втората светска војна од логорот имало околу 50 преживеани.

Археолозите го истражувале местото под патот и нашле редови од по 4 тули во висина. Тие утврдиле дека на тоа место порано имало гасни комори.

Конечно, ја постигнавме целта – ги откривме гасните комори. Бевме изненадени од големината на објектот и од добро сочуваните ѕидови во комората“, изјавил археологот Јорам Хаими за Ројтерс. Двајца чичковци на Хаими биле убиени во логорот за време на војната.

Меѓу откриените предмети имало венчален прстен со натписот: „Внимавај, ти си ми посветен на мене“ на хебрејски.

Откритијата, исто така, може да помогнат во утврдувањето попрецизна процена на бројот на луѓето убиени во логорот, исто како што карактеристиките на ѕидот помогнале да се пресмета колку бил голем логорот.

Целиот овој поранешен логор е една огромна сцена на злосторство, рекол Томаш Кранц, директор на музејот Мајданек во Полска, за британски Телеграф.

За разлика од другите логори, кои нацистите се обидувале да ги маскираат како затвори или како работнички логори, Собибор и неговите соседи – Белзец и Треблинка – биле конкретно логори на смртта. Затворениците во него биле убивани со пуштање гас многу кратко време откако ќе влегле во логорот.

Сепак, за злосторствата во Собибор има помалку информации, бидејќи Германците го уништиле.

Еден друг археолог – Војчек Мазурек – вели дека имало осум гасни комори.

Таму се случувало истребување на луѓе; убиство со чад од машини, при што сите во овие гасни комори умирале за 15 минути, во маки, викајќи, изјавил тој за Ројтерс.

Се вели дека… нацистите дури и одгледувале гуски, за да ги задушат овие викања, така што другите затвореници да не можат да ги слушнат овие крици, овие маки.“