Пред концертот на скопскиот стадион кој е закажан за 15 јуни, балканската музичка ѕвезда, Здравко Чолиќ допатува во Скопје и денеска одржа средба со новинарите на која разговараше за деталите околу концертот, за Евровизија, музиката…

Концертот се најавува како најголем досега, со одлична продукција за македонски и балкански услови. Сцена над 50 метри, височина 20 метри, специјални ефекти, гудачки оркестар, пиротехника, специјални гости, многу изненадувања.Се очекуваат околу 60.000 фанови.

Убав ден на сите, благодарам што дојдовте. Еве повторно се враќаме на некои наши претходни настани и периодот кога настапував на овој стадион. Додуша тогаш беше стариот скопски стадион, но сега сето ова изгледа величенствено, а минатата сезона овде се играше купот на шампионите, така што доаѓањето на овој стадион за мене претставува посебна чест и задоволство. Морам да кажам дека не беше моја идеја да одржам концерт на овој стадион, тоа беше идеја на организаторот, така што по извесно размислување и по двата концерти во Арената „Борис Трајковски“, одлучив да направиме еден летен концерт. Навистина е голема возбудата да се биде на еден вака убав објект. Се надевам дека ако не послужи времето тоа би можело да биде една прекрасна вечер, рече Здравко на почетокот на средбата со новинарите

Моќна е самата помисла на присуството на 60.000-70.000 луѓе на едно место, она што не може ниту еден политичар да го направи, му успева на Здравко.

Не знаеме сеуште колку публика ќе има, но мислам дека е убаво кога има многу публика на вакви настапи. Јас во Скопје сум го одржал најпосетениот концерт во мојата кариера. Мојот најголем концерт во животот е на плоштадот во Скопје. Имаше проценки дека присуствувале 120.000 луѓе. И стадионот „Маракана“ потоа во 2001 малку помал концерт. Стадионите се простори кои се мошне импозантни, но на крајот воопшто не е важно колку посетители има, важна е енергијата на публиката која се создава и кога се настапува на помал простор. Енергијата е важна, за луѓето да го запаметат тој  настан како една убава вечер, рече Чолиќ.