Косовскиот филм „Улиште“ во режија на Блерта Башоли ги освои трите значајни награди (најдобар филм, најдобра режија и награда од публика) на Интернационалниот фестивал за независен филм „Санденс“. Македонија, преку продуцентот „Црна мачка продукција“ и поддршка од Агенцијата за филм се јавува како малцински копродуцент на наградениот филм.

Годинава фестивалот се одржуваше онлајн, поради ситуацијата со пандемијата предизвикана од ковид-19.

Во „Улиште“ се зборува за вистинска животна приказна на Фахрије, чиј сопруг исчезнува во војната во Косово, и додека трага по него, таа одлучува да започне мал земјоделски бизнис за да обезбеди егзистенција за своето семејство.

Но, во традиционалното, патријархално опкружување, на нејзината амбиција за еманципација не се гледа како на нешто позитивно. Нејзиниот бизнис започнува добро, освен пчелите во нејзиното улиште, кои се чини дека се хаотични и агресивни кон неа. Во своите обиди да најде мир со пчелите, таа наоѓа мир и со самата себе.

 

„Малцинските копродукции стануваат клучен фактор за освојување на светската кинематографија токму преку вакви соработки кои се препознавани од националните агениции за филм, велат од Агенција за филм.

Додаваат дека ова е четврта година по ред каде на најголемиот фестивал за независен филм „Санденс“ е присутна македонската Агенција за филм.

„Во 2018 година бевме присутни со ‘Види ја ти неа’ на Горан Столевски (наградата за најдобар интернационален игран филм во категорија на кратки филмови), во 2019 година со ‘Медена земја’ (Големата награда од жирито, најдобар документарен филм и награда за најдобра кинематографија) и во 2020 година со краткиот филм ‘Налепница’ на Георги Унковски, каде ја имаше својата светска премиера“, соопштија од Агенцијата за филм.

Главната улога во „Улиште“ ја толкува Јилка Гаши, додека во другите улоги се појавуваат Чун Лајчи, Кумрије Хоџа, Аурита Агуши, Каона Силејмани, Мал Ное Сафчиу, Адријана Матоши, Астри Кабаши, Молик Маххуни, Блерта Исмаили, Валире Хаџијај Зенели, Арменд Смајли, Илир Прапаштица, а од македонските актери кои играат во филмот се, Адем Карага, Шкелќим Ислами и Зарије Јонузи Челику.

 

Блерта Башоли е режисерка родена во Косово, а има дипломирано на Универзитетот во Њујорк отсек филм и ТВ. Досега има работено на неколку кратки и долгометражни играни филмови за кои има добиено награди, но „Улиште“ е нејзиниот прв долгометражен игран филм.

Таа се потпишува како сценарист и режисер на филмот, а кинематографер е Алекс Блум. Монтажата е на Едис Сарачи и Феликс Сандри, а сценограф е Влатко Чачоровски. Мајстор на звук е Филипе Циомпи, костимографијата е на Хана Зеќа, Фјорела Мирдита, а шминката е на Фиона Абдулаху.

Продуценти на филмот се Јил Ука, Валон Бајгора, Агон Ука, а копродуценти Брита Ринделауб, Кристијан Буровски, Томи Салковски, Паскал Семини.

„Улиште“ е копродукција меѓу Косово, Швајцарија, Северна Македонија и Албанија, поддржана од Косовскиот кинематографски центар, Федерална канцеларија за култура ФОЦ и Синефором – Швајцарија, Агенцијата за филм на Северна Македонија и Националниот центар за кинематографија на Албанија, во продукција на Филм индустри и Иконе студио со Алва филм продукција, Црна мачка продукција, Албаскај, Швајцарската национална телевизија, а Левел К ги има правата за продажба на филмот во светот.

„Санденс“ е најголемиот фестивал за независен филм, а меѓу неговите основачи е и актерот Роберт Редфорд. Целта на фестивалот е да ја поврзе публиката со уметниците во креирање нови идеи, откривањето оригинални изрази и градењето на заедница посветена на независниот филм.