Шестиот игран филм „Врба“ на Милчо Манчевски вечер ќе има македонска премиера истовремено во Скопје, Битола, Охрид и Штип. Официјалната премиера за домашната публика ќе биде во Филхармонијата од 20.30 часот, а премиери во Скопје ќе има и во кината „Милениум“ и „Синеплекс“ со што почнува и редовното киноприкажување на филмот.

Светската премиера беше на 19 октомври во официјалната селекција на Филмскиот фестивал во Рим. „Врба“ е филм е а лојалност, љубов, доверба и мајчинство, кој спојува приказни за три млади мајки – едната приказна се случува во 17 век, а другите две се современи. Тие се надополнуваат, а во исто време се и контраст една на друга.

Според режисерот Манчевски, секој филм создава свет и гледачот го сака филмот ако успее да влезе во него и ако тој некаде го однесе.

-Тој свет може да биде реалистичен и денешен, како што е дел од филмот, а може да биде средновековен или од друго минато време. Интересно е да откриваш колку биле различни, а исти луѓето од тоа време и колку тоа што ние го знаеме како историја е, всушност, некоја романтизирана фикција. Тоа е една од убавите придобивки во правењето ваков филм, рече Манчевски на прес-конференција по повод македонската премиера.