Конфискуван облакодер во Пекинг е продаден на онлајн аукција за 734 милиони долари. Впечатливата 40-катница во форма на модернистички змеј се наоѓа во непосредна близина на националниот олимписки стадион „Птичје гнездо“ во кинеската престолнина.

Облакодерот беше објавен за продажба на кинескиот интернет гигант „Алибаба“. За 24 часа биле доставени само две понуди, но аукцијата ја следеле близу 150.000 корисници.

Новиот сопственик на луксузната зграда е компанија за имоти, чие седиште се наоѓа исто така во Пејинг.

Облакодерот беше конфискуван од кинескиот милијардер Го Венг Веј, кој избега од државата, откако во 2014 година беше обвинет за корупција. Бизнисменот сега живее во Њујорк и важи за еден од најгласните критичари на комунистичкиот режим и на претседателот Сји Џинпин, кого го обвинува за местење лажни обвиненија против своите политички опоненти.