Оркестарот на Филхармонија во четврток во 20 часот ќе одржи симфониски концерт насловен „Кругови“ на кој како солист ќе еден од најкреативните пијанисти – Франческо Тристано од Луксембург, под диригентската палка на Џијан Емин.
На репертоарот се Kоцертот за пијано бр. 1 во де-мол од Бах, 4 фрагменти од „Пијано кругови“ за пијано и гудачи од Франческо Тристано и Фантазија на тема од Томас Талис од Вилијамс.
Исклучителната структура на концертите за пијано на барокниот маг – Јохан Себастијан Бах (1685–1750) ги прави безвременски, актуелни и популарни кај изведувачите, но и кај публиката. Иако се оригинално напишани за чембало, овие концерти многу често се изведуваат и на пијано.
Во 2017 година, Франческо Тристано почнува соработка со „Сони класикал“, фокусирајќи се на својот афинитет да создава и да снима свои авторски дела. Иако во тој период сè уште активно настапува на светските музички сцени изведувајќи електронска и експериментална музика на фестивалите за електронска музика, но и во концертните сали, тој повторно му за враќа на пијаното како алатка за креација. Го создава албумот „Пијано кругови“ (PianoCircleSongs) – колекција од песни во кои Тристано го евоцира својот интерес кон творештвото на француските импресионисти. „Го сакам ритамот, го сакам константниот импулс. Но, музиката во ‘Пијано кругови – циклуси’ е спротивна. Таа е интимна и мелодична, и во голем дел инспирирана од моите деца. Тие ме инспирираа да трагам по понежна фаза во третманот и создавањето музика за пијано“.
Ралф Воган Вилијамс (1872–1958) е еден од најзначајните композитори на 20 век, заслужен за подемот на британската музика. Пишувал музика под влијание на англискиот фолклор и тудорската полифонија, создавајќи дела во типичен дух и естетика на земјата во која бил роден. „Фантазија на тема од Томас Талис“ е дело за гудачки оркестар, создадено во 1910 година и изведено истата година во Глочестерската катедрала. Вилијамс ја диригирал изведбата.
Билетите се веќе достапни и можат да се резервираат на тел: 02 / 3238 182 и да се купат онлајн на www. filharmonija.mk
Comments are closed for this post.