Зачестените драстични топлотни удари и сушите предизвикани од климатските промени ќе го намалат приносот на јачмен, а со тоа и производство на пиво, објавија група англиски научници.

Јачменот е многу подложен на суша и жештина, а неговото производство ќе се намали ако продолжат климатските промени, што ќе предизвика недостиг од пиво и зголемување на цените, се вели во студија објавена во „Nature Plants“.

Ако не сакаме да се случи ова, ако се уште сакате да имате пиво или две, тоа е единствениот начин да работиме заедно за да се бориме против климатските промени – изјави Дабо Гуан, професор по економика на Универзитетот Источна Англија во Норвич.

Само јачменот со најдобар квалитет (помалку од 20 проценти од вкупното глобално производство) се користи за пиво. Останатиот дел се употребува за исхрана на добиток.

Ако глобалното затоплување продолжи со ова темпо, екстремни жештини и суша ќе ги зафатат регионите каде се одгледува јачмен, барем еднаш годишно. Тоа ќе доведе до пад на производството на пиво за 16 проценти. Поради тоа, во просек, цените ќе се зголемат двојно, се вели во истражувањето.