Кица Колбе во есејот под наслов „За мојот професор Георги Старделов, како благодарност и ветување“ објавен на „Дојче веле“ се збогуваше со академик Георги Старделов.
Со заминувањето на драгиот професор заминува една епоха, но и дел од нашите биографии. Така, мислејќи на Старделов, ги повикувавме во умот и имињата на сите оние кои некогаш ја сочинуваа духовната елита на македонската култура. Со нас беа и Славко Јаневски и Блаже Конески, еден век по нивното раѓање. Македонската литературна, научна и духовна елита навистина не е замислива без Георги Старделов.
И македонската филозофска мисла тој ја обликуваше речиси од нејзините почетоци по војната. Годините од 1976-86-тата, кога бев негова соработничка, беа клучни и во моето мисловно формирање во филозофијата. Тие беа и најплодните години во историјата на македонската филозофска традиција. Тогаш често сонувавме дека еден ден зад нас ќе оставиме „македонска филозофска школа“. Кога го видов мојот професор на првото предавање по естетика, тој беше штотуку вратен од двегодишниот престој во Германија. Отсекогаш го одликуваше префинет вкус. Старделов имаше појава на култивиран господин во германската смисла. Впрочем, имаше голем восхит и за германската филозофија и за германската култура. Совршените костуми уште повеќе го истакнуваа неговиот стамен и достоинствен лик. Доаѓањето на работа на униврезитетот за него беше свечен чин. Само при летни горештини, понекогаш под лененото палто носеше кошула со куси ракави. Тој не само што предаваше естетика, туку таа беше и неговиот животен принцип. На убавината, на редот и на хармонијата им се восхитуваше и во уметноста и во секојдневието. Со својата строга работна дисциплина оставаше впечаток дека е воспитан во германскиот пруски работен етос. Никогаш не доцнеше, како што имав впечаток дека никогаш нема празно време. Во паузите често ги коригираше ракописите. Непрекинато пишуваше и објавуваше. Во писмото беше дома, како секој надарен литерат. Иако научно се фокусираше врз македонската книжевна теорија и критика, тој беше исто толку посветен и на другите уметности, пишува меѓу другото Колбе.
Целиот текст овде.
Comments are closed for this post.