Германската канцеларка Ангела Меркел ги освои симпатиите на Аргентинците со спонтаноста на самитот на Г20.

Прво таа допатува со комерцијален лет без никаква помпа и гужва, во муабет со останатите патници на кои им дозволи да се сликаат со неа, а потоа поентираше на вечерата во „Дон Хилиј“, ресторан популарен по автентичната традиционална кујна.

Меркел не ги вознемирила останатите гости со протоколот и големото обезбедување, напротив вечерала помеѓу нив како сиот нормален свет – освен што, секако, блескале блицевите од мобилните телефони.

Потоа таа стана и отиде во кујната, самата застана помеѓу воодушевените кувари и дозволи да ја фотографираат и снимаат.


Меркел беше испратена со овации и аплаузи не само од гостите во ресторанот, туку и од луѓето кои се насобраа пред готилницата да ја видат во живо.