Иако македонската народна култура е навидум патријархална и затворена во својот конзервативен морал, областа на еротски фолклор ја разбива таа предрасуда и нуди очигледни примери за еротскиот свет на македонскиот народ кои се вон очекуваните, непишани етички норми и прифатливите матрици на однесување на родовите.
Токму на оваа тема, Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка организираат јавно предавање со Ана Мартиноска кое ќе се одржи онлајн во четврток, со почеток во 18 часот. Таа ќе зборува за нејзиниот избор на еротски приказни, песни, гатанки и пословици во рамки на неодамна издадената „(И)стории од долапот – избор од македонската народна еротика“ (Ми-Ан, 2020).
Примерите на народните приказни говорат дека и покрај тоа што македонската културна средина е навидум сосема патријархална и конзервативна, што претставува јасен ограничувачки фактор во однос на слободното однесување на луѓето, наместа постои и еден поинаков однос кон телесноста и сексуалноста во рамките на истата таа патријархална средина. Понекаде, ваквото однесување наидува на отпор и јасна осуда, но постојат и многу други во кои сексот се прифаќа како нешто сосема природно, а промискуитетот и склоноста кон слобода и сексуални избори вон општествените норми како знак за индивидуалните сфаќања и конкретните животни ситуации, стои во најавата.
Ана Мартиноска (Скопје, 1972) е професорка, научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми, феминистка.
Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филолошкиот факултет на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Од 1996 год. Мартиноска е вработена во Институтот за македонска литература на работното место научна советничка/редовна професорка. Предава на постдипломските и докторските културолошки студии во книжевноста (Предмети: Вовед во културолошки студии, Народна култура, Културата и глобализацијата, Сексуалноста и културата, Родови претстави во современата култура и медиуми и др.).
Учествувала со самостојни прилози во бројни национални и меѓународни научно-истражувачки проекти, како и ја голем број научни конференции и симпозиуми. Реализирала повеќе научни и стручни престои, од кои се издвојува докторскиот престој на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија во 2004.
Мартиноска ги има објавено книгите: „Поетиката на македонските народни гатанки” (2002), „Голиот на гости – Антологија на македонскиот еротски фолклор” (2007), „Митот и ритуалот во македонскиот фолклор – релации и проникнувања” (2008), „Конески и фолклорот“ (2012), „Културни парадокси (Родот, етницитетот и идентитетот во фолклорот и литературата)“ (2014), „Културна фабрика (Огледи за родот, градот и популарната култура)“ (2018) и „(И)стории од долапот: Избор на македонска народна еротика“ (2020). Заедно со Маја Јакимовска-Тошиќ е уредник на Зборниците: „Популарна култура-Поглед одозола/Popular Culture: Reading from Below” (2016) и „Културата на распродажба: Консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“ (2019). Има објавено и стотина самостојни научни трудови во стручната и научна периодична литература во земјата и во странство, како и над двесте колумни на културолошки и родови теми.
Мартиноска била главна и одговорна уредничка на Институтското списание за литературна наука „Спектар“ (2013-14). Била членка на редакцијата на електронското списание „Блесок“ (2012-18). Членка е и на Друштвото на писатели на Македонија, Здружението за компаративна книжевност на Македонија и на Меѓународната Асоцијација за компаративна литература. Во моментов е Претседателка е на Научниот совет на Институтот за македонска литература.
Предавањето ќе се одржи онлајн и истото ќе биде достапно на овој настан и facebook страната на Коалиција МАРГИНИ.
Предавањето е во рамки на Школата за род, сексуалности, култура и политика и е првото од серијата на вкупно 3 јавни предавања.
Comments are closed for this post.