Истражување на белгиски болнички тим посочува на јасна врска меѓу недостатокот на витамин Д во организмот и тешките случаи на ковид-19, јави дописничката на МИА од Брисел.

Наодите на медицинскиот тим денеска ги пренесуваат медиумите во Белгија кои го цитираат истражувањето што треба да биде објавено на 20 ноември.

Според биолози кои учествуваа во истражувањето, речиси пола од 16.274 пациенти инволвирани во студијата имале сериозен недостаток на Д витамин што било особено видливо кај машките пациенти.

Биолозите сметаат дека недостаток на овој клучен витамин во организмот може да биде индикатор дека пациентот ќе развие сериозен случај на ковид-19. Витаминот Д е клучен за апсорпција на калциумот и магнезиумот и го зајакнува имуниот систем, пренесуваат медиумите.

Студијата треба да биде објавена во Американското списание за клиничка патологија за десетина дена.