Од денеска (17 декември) во 12 часот, па се до 28 февруари 2021 година, во Музејот на современата уметност Скопје ќе биде отворена ретроспективна изложба на Јован Шумковски насловена „Вода/Ѕид“. Куратор на поставката е Зоран Петровски, а проектот е поддржан од Министерството за култура.

Музејот е отворен од 10 до 20 часот за посетители секој ден,

Поставката ќе се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија.

Ретроспективната изложба го прикажува делото на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници, чија што речиси четири децениска уметничка практика ја дефинира постојан истражувачки интерес и смела инвентивност во формирањето и изразувањето на неговата ликовна мисла и поглед на светот и времето што го живееме.

Насловот на изложбата е превземен од едно од делата на уметникот како метафоричен сублимат на темите и содржините присутни во творештвото на Јован Шумковски.

Сликар по вокација, Шумковски својот авторски пат го бара во континуираното иновирање на визуелниот јазик кој опфаќа различни медиуми, како што се сликарството, скулптурата, инсталацијата, видеото, фотографијата… Постојано подготвен да експериментира со најразлични продуцирани и најдени предмети, материјали и техники (дрвени отпадоци, пигменти, песок, метал, делови од отфрлен мебел, епоксидни смоли, полиестер, бетон, секојдневни предмети, фотографии и др.), ликовниот дискурс на Шумковски е во процес на континуиран и извонредно конзистентен развој. Како што често самиот сака да каже, тој никогаш не започнува со реализација на некое дело или проект доколку во него не може да види никулец и перспектива за неколку идни проекти.

Шумковски досега зад себе има над дваесет самостојни изложби во земјава и во светот (Белград, Сараево, Софија, Љубљана, Стокхолм, Париз, Њујорк, Александрија и други). Во 1995 година беше претставник на Македонија на познатото биенале во Сао Паоло во Бразил, а во 2001 на Биеналето во Венеција. Учествува на многубројни групни изложби и значајни интернационални проекти. Редовен професор е на ФЛУ од 2002 година.