Првата изложба на илустрации на големиот ликовен уметник Димитар Кондовски во „Мала станица“ предизвикува големо внимание. Поради тоа, Националната галерија одлучи да ја продолжи изложбата за уште две недели, односно до 15 ноември.
Ретроспективата на илустрациите на волшебникот, како што критиката го нарекува Кондовски, е отворена во рамките на второто издание на меѓународниот фестивал за литература и илустрации „Литера“.
Големиот потфат да се организира вака значајна изложба значеше голем чекор за тимот на фестивалот, кој во соработка со семејството Кондовски, овозможи што е можно повеќе љубители на уметноста да уживаат во ремек-делата, велат од „Литера“.
Изложбата беше отворена на 14 октомври и за само две недели, почитувајќи ги ковид-протоколите, ја посетија неколку стотици вљубеници на уметноста. Оригиналните илустрации на антологиските „Зоки Поки“, „Алиса во земјата на чудата“, „Колибата на чичко Том“, „Џиновски сликовници“, корици на „Росица“ и многу други списанија и наслови ги красат просториите на „Мала станица.“
За време на изложбата се реализираа неколку работилници посветени на децата, а под мотото „Емоцијата има своја боја“.
Comments are closed for this post.